Обид за убиство меѓу кривичните дела во насилието во парламентот

by fokus 12:36
12:36

Вчерашниот упад во Собранието и насилството врз пратениците и новинарите треба да бидат предмет на многу кривични дела, велат правниците за Фокус.

Меѓу нив се и обид за убиство, нанесување на тешки телесни повреди, учество во толпа, поттикнување и организирање на загрозување на општата сигурност, загрозување на сигурноста, насилство спрема највисоки државни органи, злоупотреба на службена положба и овластувања и други.

- Advertisements -

Според адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, снимките покажуваат дека врз дел од пратениците, како Зијадин Села и Зоран Заев постои обид за убиство. „Да не го заштитија Заев други луѓе не знам како ќе завршеше вчера,  тешки телесни повреди. Никој од ДУИ не е повреден, не се повредени ни многу други луѓе, точно беа таргетирани одредени личности и беше целта тие луѓе физички да се ликвидираат и повредат и тоа беше дефинитивно обид за убиство. Тоа некој им го кажуваше од внатре на напаѓачите, тие во секој миг знаеја каде се наоѓаат и беше координирано од луѓето од внатре“, вели Давидовиќ.

Според него, вчера се случиле безброј кривични дела меѓу кои и учество во толпа, за оние што тепаа – нанесување на тешки телесни повреди, потоа поттикнување и организирање на загрозување на општата сигурност, напад на овластени службени лица, спречување во вршење на работа на овластени службени лица и друго. Според Давидовиќ, покрај политичка и материјална за вчерашните инциденти ќе мора да има и кривична одгворност.

„Има и злоупотреба на службена долнжност и овластување од страна на диреторотр за јана безбедност Митко Чавков, бидејќи добар дел од ингеренциите на сегашниот министер за внатрешни работи кој е министер во техничка влада се префрлени на Митко Чавков. Со тоа што не ни има приведени, повторно се применува селективна правда, обвинителот е обвинител за Шарена револуција а не и кога е во прашање оркестриран план и по тоа се гледа кој е кој“, вели Давидовиќ.

Професорот Гордан Калајџиев вели дека исто така е предвидена одговорност за оние кои повикувале и поттикнувале вклучувајќи го претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Да не се лажеме тие ова го најавуваа, и тука го маскираа тоа со демек не може да ја гарантираат безбедност кога ќе се случел народ, а тоа всушност е поттикнување. Има дела поврзани и со елементи на омраза, врзани со расна нетрпеливост, антиалбански изјави. Противправно лишување од слобода, ги држеа заложници луѓето. Кај организаторите на протестот има пропусти, кои се нивните одговорности како организатори треба да се види. Има дела кои се обично насилство, дела кои се врзани со напади врз полицијата, има сигурно кривично дело на спречување на вршење должност на службено лице. Сериозни пропусти кај раководниот кадар во МВР. За јавниот ред и мир одговара директорот на полиција, Митко Чавов, само во МВР ќе има еден куп дела, кој не реагирал, кој ги спречил, имало ли план“, вели Калајџиев.

Поврзани новости