Обезбедувањето на Груевски бришеше слики на новинар на ТВ 21

by fokus 20:01
20:01

Телевизија 21 објави снимка од нивните безбедносни камери на која, според телевизијата, се гледа како обезбедувањето на поранешниот премиер, Никола Груевски, влегува во телевизијата и бара од нивниот новинар да ги избрише сликите од Груевски кој денеска се шеташе низ центарот на Скопје.

-Колегата откако го забележал поранешниот премиер дека е во прошетка, се обидел да го сними моментот за објава на интернет-страницата на ТВ 21. Oбезбедувањето на екс-премиерот влегло во дворот на телевизијата, го зело мобилниот уред и ги избришало фотографиите од мобилниот телефон. На колегата му побарале новинарска легитимација, при што тој уредно ја покажал. Едниот од обезбедувањето приложил и легитимација дека е лице вработено во МВР. Сметаме дека екс–премиерот е јавно лице, и во интерес на јавноста е да се знае што прави и како се однесува. Ја повикуваме неговата партија и министерството за внатрешни работи да се огласат за овој инцидент. Безбедносните камери на ТВ 21 го забележа овој настан, односно регистрираа како обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, без дозвола на ТВ 21 влегува во телевизијата, објаснуваат од телевизија 21.

Инаку, денеска Груевски со семејството беше во црквата Свети Димитрија, а потоа се прошета низ плоштад Македонија. Провладините портали објавија слики и цели текстови од прошетката. Ним обезбедувањето на Груевски не им ги бришеше сликите.

 

Поврзани новости