Обезбеден гас за првата половина од месецов, од јануари набавка од повеќе извори

by Fokus

АД ЕСМ од „Макпетрол“ обезбеди природен гас за првата половина од месецов за топланите „Исток“ и „Запад“ и за цел месец за КОГЕЛ во подружница „Енергетика“. Не е извршена набавка за ТЕ-ТО која за ноември обезбедила гас за својот режим на работа, но треба да влезе во системот за топлинска енергија за град Скопје.

-АД ЕСМ ќе набави природен гас од „Макпетрол“ за топланите „Исток“ и „Запад“ за периодот од 1 до 15 ноември и за КОГЕЛ во подружница „Енергетика“ за периодот 1 до 30 ноември. Со оглед на тоа што приватната гасна електрана ТЕ-ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за ноември, за неа не е извршена набавка од АД ЕСМ.

Фирмата ПГО извести дека не е во можност да почне да испорачува од 1 ноември, туку од 15 ноември, што дополнително ќе подлежи на нова понуда. Со овој понудувач ќе биде потребно да се комплетира и комуникацијата во однос на останатите документи кои се побаруваат пред склучување на договор, соопшти вчера АД ЕСМ.

Од ЕСМ велат дека набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се, финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.

За понатамошниот период ќе се побараат нови понуди од заинтересираните фирми за снабдување, и тоа за топланите „Исток“ и „Запад“, за КОГЕЛ во „Енергетика“ и за евентуално ангажирање на приватната гасна електрана ТЕ-ТО од страна на АД ЕСМ.

Според најавите, во следните денови, ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе потпише и договор со ТЕ-ТО за ноември за преземање на топлинската енергија од оваа електрана, која ќе треба да влезе во системот на топлинска енергија за градот Скопје.

– АД ЕСМ веќе ја информира јавноста дека алтернативно гориво за топланите е дизел горивото, за кое капацитетите технички и технолошки се подготвуваат да го користат и е полесно достапно за набавка. АД ЕСМ со своите друштва за топлинска енергија непрекинато испорачува греење за градот Скопје и така ќе продолжи и во следниот период, соопшти АД ЕСМ.

 

Поврзани новости