„О2 Иницијатива“ до советниците во Центар: Деновите се избројани, Вие решавате за судбината на сите скопјани

by Fokus

Од О2 иницијативата известија дека испратиле апел до градоначалникот и советниците во Општина Центар, каде бараат итно да продолжи процедурата за суспензија на урбанистичкиот план, со кој ќе може да се стопира градбата на земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“. Од иницијативата предупредуваат дека советниците се тие кои одлучуваат и не смеат да останат неми и да дозволат да се спроведе ДУП кој не е во согласност со ГУП.

-Градоначалникот не е носител на одлуката и како таков не смее да ја попречува процедурата со свое непостапување и одбивање да поднесе документи кои од него се бараат. Ваквото попречување е спротивно со законот за локална самоуправа. Советот на општина Центар е тој што одлучува за суспензија на примената на ДУП Ц 08, после добиеното мислење од министерот Бочварски, се наведува во апелот од О2 иницијативата.

Од иницијативата велат дека не е точна изјавата на градоначалникот Саша Богдановиќ дека општината ќе сноси последици ако не се донесе нов ДУП на време, посочувајќи примери од општина Гази Баба, која по одлука на Уставен суд за 10 месеци донесе нов ДУП.

-Ги знаете сите недостатоци и неправилности на сегашниот на сила ДУП Ц 08 донесен во 2012 година. Не дозволете градоначалникот да ве/нè држи во заложништво, а со тоа и судбината и иднината на оваа локација која ќе ги афектира сите жители на град Скопје, не само тие на општина Центар, со генерации и генерации понатаму. Деновите се избројани, делувајте сега, не дозволувајте во ваш мандат да се случи да делувате спротивно на вашата должност и спротивно на законите со продолжување на сила на незаконскиот постоечки ДУП за Ц 08. Ќе останате запаметени по акциите и одлуките кои ќе ги преземете сега во име на сегашните и идни генерации жители на градов, додаваат од иницијативата.

Вчера градоначалникот Богдановиќ потврди дека инвеститорите поднеле електронско барање за градба на комплексот спроти „Холидеј ин“ , но дека се уште не е правосилно, бидејќи тој не го потпишал. Тој и покрај одлуката на Советот од декември минатата година, одбива да достави стручен елаборат до Министерството за транспорт и врски со кој ќе ја отпочне процедурата за суспензија на ДУП-от со образложение дека тоа би предизвикало огромна финансиска штета за општината.

Поврзани новости