Нужна одбрана

by Fokus 20:30
20:30

Имотот, и особено домот е светост. Со сопствен труд и пот, ваш и на вашите претци ако е наследено, е спечалено нешто што некоја будала смета дека има право да го одземе. Кај дом да нема дилема- апсолутно се залагам за измена на Кривичниот законик и опфаќање и на домот како објект на заштита и загрозено добро, кога се работи за нужната одбрана. Што би рекол колегата Тома Фила, ако некој ви упадне во домот, и особено ако е вооружен, прво пукајте после поставувајте прашања.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

“Пред секое тргнување на пат, на сопругата и го оставам мојот пиштол кој легално го поседувам, и велам ако некој провали веднаш да пука. Од затвор ќе ја извадам, од гроб не се излегува” Тома Фила

Цитираното, почитуваниот колега Фила го изговори на предавање пред две години организирано од моја страна, кога предаваше на тема нужна одбрана или популарно наречена самоодбрана, а го има и пред и потоа редовно повторувано секогаш кога е нужната одбрана тема или прашање. На истото предавање Фила не информираше дека во Србија Кривичниот Законик е променет во овој дел, и како нужна одбрана се смета одбивање на истовремен противправен напад не само од себе, туку и од својот имот.

Кај нас за жал нужната одбрана не го опфаќа и домот или имотот и тоа во слободен превод значи дека ако некој разбојник ви провали во домот, вие треба љубезно да го замолите да го напушти домот, па не се наоѓа дома, можеби човекот залутал. Ако тоа не сака да го стори, луто заканете му дека ќе викнете полиција, и готово решен проблем, разбојникот ќе си отиде. Доколку пак е вооружен јасно посочето му дека орудието ќе му донесе построга квалификација, со казна од најмалку десет години затвор, што гарантирано ќе го преплаши интрудерот.

Дека ваквите очекувања на дел од македонските обвинителства не се хипотетички, ни кажува приказната на господин Тони од Битола, само што Тони не е измислена личност туку човек домаќин кому пред речиси половина година во домот му упаднал, со кршење на влезната врата и мачета во рака, зетот за ќерка. Тони поседувајки пиштол со дозвола испукал неколку проектили и го усмртил напаѓачот. Дотука е јасно.

НЕ МОРА ДА СТЕ ПРАВНИК ЗА ДА СФАТИТЕ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА САМООДБРАНА

Она што не е јасно е како Основното јавно обвинителство во Битола одлучува да покрене обвинение за убиство со умисла кое носи потенцијална казна од дваесет години. Не мора да сте ниту правник за да процените дека се работи за школски пример на самоодбрана, вооружен напаѓач со смртоносно оружје, насилно влегува, пропратено со години закани итн и што би се очекувало од секој разумен човек кој има легално оружје со прописна дозвола?

За жал овој случај не е единствен. Добро познатиот настан со Пале од Велес која беше давена до смрт од осудуван партнер- насилник кој имал навика да крева рака, исто така се најде под обвинение, а ако не се лажам сеуште се влече предметот против дедо Љубе кој си го бранеше домот и сопругата од апаши, и притоа усмрти еден од нив. Постојат и позитивни примери како кога Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли пријавата на СВР Скопје за двојно убиство( десет до доживотна) на сопственик на менувачница кој ги усмрти двајцата напаѓачи во Кисела Вода.

Имотот, и особено домот е светост. Со сопствен труд и пот, ваш и на вашите претци ако е наследено, е спечалено нешто што некоја будала смета дека има право да го одземе. Кај дом да нема дилема- апсолутно се залагам за измена на Кривичниот законик и опфаќање и на домот како објект на заштита и загрозено добро, кога се работи за нужната одбрана. Што би рекол колегата Тома Фила, ако некој ви упадне во домот, и особено ако е вооружен, прво пукајте после поставувајте прашања.

Поврзани новости