Нуланд и Заев се согласиле дека се потребни промени за да профункционираат институциите

by Фокус

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска имаше средба со делегација предводена од помошник државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, придружувана од амбасадорот на САД во Р.Македонија, Џес Бејли.

Тема на разговорот, како што се вели во соопштението од СДСМ било можноста за решавање на политичката криза во земјава, преку споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за практична примена на решенијата за критичните области посочени во извештаите на ЕК и Стејт Департментот, како и споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за организирање фер и демократски избори во Р.Македонија.

-Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува Социјалдемократскиот сојуз и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат, рече претседателот Заев.

На средбата, извести СДСМ е изразена согласност дека се неопходни промени за функционалноста на институциите, судството, медиумите, како дел од процесот на промена на партизираниот државен систем.

Претседателот Заев констатираше дека договорот од 2-ри јуни предвидува решенија за критичните прашања и дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе подготви и спроведе избори.

Поврзани новости