Њујорк Тајмс: Трамп во 2016 и 2017 година платил данок од само 750 долари

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2016 и 2017 година – годината кога стана претседател и првата година во Белата куќа – платил само 750 долари данок, објави „Њујорк Тајмс“.

Во 10 од изминатите 15 години воопшто не плаќал данок, додава американскиот весник, иако до 2018 година примил 427,5 милиони долари од неговото реално шоу и други договори.

Повикувајќи се на податоци од документите за поврат на данок, „Њујорк Тајмс“ објави дека Трамп платил само 750 долари на име на сите федерални даноци во 2016 и 2017 година.

Богатството на американскиот претседател се проценува на 2,1 милијарди долари, а за време на пандемијата со коронавирусот падна за милијарда долари, објави Forbes.

Со години Трамп одбиваше јавно да зборува за неговите даночни обрски и се бореше против сите правни обиди во таа насока.

Трамп наводно ги минимизирал своите даночни обврски така што пријавувал големи загуби во неговата бизнис империја.

 „Њујорк Тајмс“ тврди дека во 2018 година Доналд Трамп пријавил загуба од 47,4 милиони долари, иако таа година остварил приходи од најмалку 434,9 милиони долари.

На прес-конференција Трамп ја оспори објавата на весникот.

„Тоа е лажна вест. Потполно лажна. Измислена. Лажна“, рече тој пред новинарите.

„Плаќам даноќ. Ќе го видите тоа при повратокот на данок. Веќе подолго време е на ревизија“, додаде тој.

Поврзани новости