Ново рочиште за петкратното убиство кај Смилковско езеро

by fokus

Денеска во Кривичниот суд ќе се одржи ново рочиште за  „Монструм“, второ откако случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

На обвинителна клупа ќе седнат обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година. Претходното рочиштето за овој случај не се одржа поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири, кој бил хоспитализиран на пулмологија.

Кога СЈО го презеде случајот минатиот месец специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во фаза во која бил прекинат и оти се подготвени да го презентираат предметот пред судот.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Поврзани новости