Новиот заменик-министер за образование – Човек со многу таленти, но и скандали

by fokus

Со влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата се направија неколку рокади и во заменичките министерски места. Па така, ДУИ го доби местото заменик во Министерството за образование, каде беше назначен познат лик кој досега има сменето неколку министерства- Агим Нухиу.

Тој своето прво искуство во Владата го стекнува во 2016 година кога станува заменик министер за внатрешни работи,  а во 2017 година е назначен за министер за внатрешни работи во Пржинската влада. Токму тој раководи со Министерството за внатрешни работи кога се случува Крвавиот четврток во Собранието.

Нухиу тогаш изјави дека  структурите на МВР не си ја завршиле работата и ќе сносат одговорност. Рече дека од ескалацијата на настаните па сè до 20 часот не можел да го добие директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Уште откако почнаа протестите инсистирав да се формира оперативен штаб и тој штаб беше формиран, во него беа раководни лица од сите области. Оперативниот штаб имаше подготвено планови за три претпоставени ситуации: мирни протести, избор на претседател и избор на влада. Раководител на оперативниот штаб беше избран Митко Чавков. Сакам да ја известам јавноста дека вчера од ескалацијата на ситуацијата па сè до 20 часот Митко Чавков не одговараше на моите телефонски повици и во оперативниот штаб, и покрај тоа што постојано го барав, изјави тогаш Нухиу.

Во периодот од 2017 – 2020 г. ја презема должноста заменик министер за внатрешни работи, а во 2020 г. се враќа на должноста министер за внатрешни работи во втората Пржинската влада.

Додека е во Министерството за внатрешни работи успева да напредува и во својата професорска кариера. Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски констатирал дека во 2017 година, додека професорската позиција му била во мирување бидејќи бил заменик-министер за внатрешни работи, незаконски станува вонреден професор на Тетовскиот универзитет.

Но, во периодот на мирување тетовскиот универзитет поведува постапка и распишува конкурс за избор на еден наставник. Изборот на доцент д-р Агим Нухиу му е предвремен, со две иницијативи од приватен универзитет Месдетар-Тирана и Приватниот меѓународен универзитет во Струга и се избира во наставно-научно звање вонреден професор. Одлуката е од 3 ноември 2017 година. Констатирав дека оваа одлука е незаконита бидејќи работниот однос му е ставен во мирување, објасни тогаш Илиевски.

Но, наместо одговорност за ваквата незаконска постапка, подебелиот крај го извлече просветниот инспектор Илиевски кој по откривањето на скандалот беше суспендиран,.

Нухиу се испроба и во уште едно министерство, Министерството за правда, каде беше избран за заменик-министер за правда, функција која ја вршеше пред да премине во Министерството за образование. Во тоа време се случува и пожарот во модуларната Ковид болница во Тетово во кој изгореа 14 луѓе.

Тогаш, Нухиу вети дека ќе има кривична одговорност за трагичниот настан, откако институциите ќе ги расветлат околностите. Институциите, рече тој, ги презеле сите мерки за целосна истрага. Сепак, дури една година беше потребна само за да започне судењето, а денес речиси две години по настанот, се уште нема разрешница.

К.С.Б.

 

 

Поврзани новости