Новиот пакет мерки предвидува и помош за исплата на плати и бескаматни кредити за компаниите

by fokus 13:56
13:56

Петтиот пакет содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.

Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната презентација во Владата  на финалниот предлог на петтиот пакет економски мерки за справување со кризата предизвикана од корона вирусот Ковид-19, пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во земјата, на која присуствуваа и министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.

- Advertisements -

Вицепремиерот Битиќи во вовeдното излагање при презентација на мерките потенцираше дека во овој предлог се вклучени сите релевантни сугестии од страна на бизнис секторот, синдикалните организации и другите чинители во општеството, а главна цел на мерките е да одговорат на предизвиците со кои се соочува стопанството, како и да се обезбеди едноставна примена на мерките.

– Се обидовме максимално да одговориме на барањата на стопанството и граѓаните и да ги креираме мерките да бидат лесно применливи, нагласи Битиќи и соопшти дека директната финансиска помош за исплата на плати ќе продолжи со петтиот пакет на мерки, а за оваа цел се креирани два модалитети, при што самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го искористат.

Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити со кој се таргетираат компаниите од најпогодените сектори, како што кажа, средствата освен за исплата на плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите.

Претставниците на стопанските комори, информираат од Кабинетот на Битиќи, изразија задоволство од петтиот пакет мерки, како и голема благодарност што се вклучени во креирањето на мерките и што нивните предлози се слушнати и вклучени во предлогот мерки.

Во петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите од ковид кризата.

Поврзани новости