Новиот евроамбасадор Дејвид Гир му ги предаде акредитивните писма на Пендаровски

by fokus 15:14
15:14

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир денеска му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Како што соопшти делегацијата на ЕУ, амбасадорот Гир рече дека е воодушевен што е во Северна Македонија и што ја претставува Европската Унија. Тој вети дека во текот на целиот мандат ќе работи со институциите, политичките сили и сите чинители и сектори на општеството низ целата земја.

- Advertising -

-Ја преземам оваа функција во невообичаени околности. Доволно невообичаени во кои дури и традиционалното ракување е исклучено што вообичаено би ја крунисало оваа пригода. Доволно сериозни за да влијаат на нашето заедничко чувство на безбедност и да ја нарушат нашата слобода на движење. Но и доволно одлучувачки за да нè натераат да научиме вредни лекции за во иднина. За тоа како од состојба на ранливост да преминеме во состојба на обновена виталност.

Горд сум што стојам пред вас и ја застапувам ЕУ и нејзините вредности. Вредноста на мирот што ни овозможи да се обединиме и да напредуваме. Вредноста на солидарноста што ќе нè извлече од оваа пандемија. Вредноста на човечкото достоинство што нè обединува сите во различноста која можеме да ја славиме, рече Гир.

Претседателот и амбасадорот Гир разменија мислења во врска со процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, напредокот што го направи земјата, како и идните реформи и предизвици што претстојат. Амбасадорот Гир ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на позитивни реформи во интерес на слободите, просперитетот и безбедноста на граѓаните.

–Минатиот март, Советот на Европската Унија ја донесе историската одлука за отворање преговори за членство со Северна Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја, рече амбасадорот Гир.

Минатиот петок амбасадорот Гир му предаде копија од акредитивните писма на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Министерот за надворешни работи Османи му посака добредојде на амбасадорот Гир, истакнувајќи дека тој доаѓа во исклучително важен момент за патот на земјата кон ЕУ, истакнувајќи дека неговото искуство и поддршка ќе бидат од голема вредност.

Мандатот на амбасадорот Гир како Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија е четири години. Тој доаѓа на местото на Самуел Жбогар кој функцијата евроамбасадор ја извршуваше од септември 2016 година.

Поврзани новости