Новиот директор на Службен весник, Кржалоски, утре ќе наполни 24 години

by fokus

По две недели од изборот на Лука Кржалоски за в.д. директор на јавното претпријатие „Службен весник“, денеска на сајтот на претпријатието осамна неговата биографија. Веднаш по неговиот избор, на социјалните мрежи не стивнуваа реакциите за неговата возраст, односно сите коментираа дека е премногу млад, а сега од биографијата и конечно се откри дека има само 24 години.

-Лука Кржалоски е роден на 20 октомври 1992 година во Скопје, Република Македонија. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј‘‘ во Скопје, а моментално е на магистерски студии исто така на Економскиот факултет при УКИМ, насока маркетинг. Во август 2012 година ја заврши летната школа за принципите на слободното општество, во Стокхолм, Кралството Шведска, а во ноември 2014 година заврши обука за претприемништво во организација на Центарот за менаџмент, консалтинг, образование и обука Мотива во Скопје, пишува во објавената биографија на новиот в.д. директор Кржалоски.

Во биографијата пишува и дека Кржалоски до сега имал работно искуство од една година.

-Од 2015 година работи во АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката – Скопје. Активно го користи англискиот јазик, пишува во биографијата.

Инаку, Лука Кржалоски е дел од Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и еден од најактивните млади членови на УМС. Тој доаѓа на местото на досегашната директорка Ангела Атанасова.

В.В.

 

 

Поврзани новости