Новинарска екипа на ТВ Алфа избркана од пред влезот на „Сити Мол“

by fokus

На 1-ви мај 2019 година, пред влезот на трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ снимател и новинар од Алфа ТВ биле грубо попречени во вршење на своите работни задачи. Припадници на приватната агенција за обезбедување „ОСА“ им пристапила на снимателот и новинарот на тротоарот пред влезот на трговскиот центар Скопје Сити Мол и наредиле да не снимаат и да го напуштат просторот.

По пријавата од страна на екипата на АЛФА ТВ до ЗНМ, остварен е контакт со менаџерите на оваа агенција за обезбедување. Од таму велат дека ќе го преиспитаат настанот и ќе преземат мерки за утврдување одговорност кон лицата од нивната агенција кои евентуално ги пречекориле своите овластувања. Освен тоа, од „ОСА“ додаваат дека се извинуваат на снимателот и новинарката доколку на било кој начин ја попречиле нивната работа.

ЗНМ ќе достави и барање за испитување на овој случај до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент. Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на снимателите и новинарите кои известуваат, особено од јавен простор.

Поврзани новости