Новинарот Михајловски до Мицкоски: Како не ти е срам да го споменуваш Никола Младенов во предизборна кампања?

by Frosina Fakova

Вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на предизборниот настап во Кочани во којашто тој рече дека СДСМ ветувале правда и мир, а донеле само немир во душите на семејствата на на убиените во Смилковско Езеро, „Диво Насеље“ и притоа ја спомена трагичната смрт на новинарот Никола Младенов, предизвика остри критики во јавноста.

Новинарот Горан Михајловски со свој статус на Фејсбук го праша Мицкоски: Како не ти е срам да го споменуваш Никола Младенов во предизборна кампања?

-Со кое лице му го изговараш името? На неговата слава ли ќе собираш гласови? На сообраќајката што се случи помеѓу два изборни круга на избори што ги организираше твојата партија? Наместо да прашуваш „До каде е случајот со Никола Младенов“, прашај до каде е случајот со нелегалното масовно прислушување. Во папката со прислушуваните разговори од мојот мобилен телефон си ги најдов и муабетите со Никола. Уште чекам да се појавам како сведок на суд да ја потврдам автентичноста на разговорите во кои со него другарски си ги споделувавме сомнежите и стравувањата од владеењето на твојата партија. Оти не беше само телефонското прислушување. Ако веќе те интересира под кои околности загина Никола тогаш зошто твојата партија со сите средства ја попречува правдата да се открие кој го нареди масовното прислушување и следењето на новинари во времето кога бевте на власт. Вистинското прашање е: Зошто сте го следеле и Никола? Одговорот побарај си го кога следниот пат ќе одиш за Будимпешта, напиша Михаловски.

Мицкоски освен овие трагични настани од поновата историја на земјава ги спомена и убиствата Мартин Нешкоски, Мартин Јанушев, Никола Христовски – Кољо…

-Наместо мир, донесоа немир. Немир во душите на оние родители кои ги изгубија своите чеда на Смилковско, а денес, сторителите слободно се шетаат. Немир, на дечињата, на оние јунаци кои животот го положија бранејќи ја државата во „Диво Насеље“. Немир во душите на родителите на Нешкоски, на Мартин Јанушев, на Кољо. До каде е случајот со новинарот Младенов? Каде е нивниот мир? Нивниот мир се претвори во немир. А немирот се претвори во револт, а револтот во пркос, одлучност и храброст. А со таа храброст, сиот овој револт и пркос ќе го видите и ќе се соочите на 15 јули кога ќе ги броиме ливчињата. Ќе ги почувствувате волјата и немирот на народот за сета лага којашто ја изговоривте, рече вчера Мицкоски.

Поврзани новости