Новинарите треба да бидат вечна опозиција и тука нема компромис!

by Фокус

На денешен ден пред 52 години е роден Никола Младенов, основачот на неделникот „Фокус“ и најголемиот новинар во македонската историја. Како што го нарекуваат неговите колеги: творецот на македонската пролет. Кариерата ја започнува како новинар во весникот „Млад борец“, каде подоцна ќе стане и уредник.

Во 1995 година, Младенов го основа неделникот „Фокус“, на кој посветува речиси половина од својот животен век. Прв македонски неделник кој е трн во око за секоја власт и кој ги постави стандардите за истражувачкото новинарство во Македонија.

Како што велеше Младенов: „Ние сме опозиција и критичари кон секоја власт, не ме интересира која е“. Човек кој новинарството го разбираше како борба за вистината, а не професија со која се обезбедува конформистички живот.

Три години по неговата смрт, македонското новинарство е поларизирано, а ретки се оние кои сакаат да излезат од зоната на комфорот за да се борат за вистината. Впрочем, и неа некој ја поларизираше.

Која е улогата на новинарите?

Во секоја нормална демократија, а и по дефиниција, новинарите треба да го штитат јавниот интерес, но и да бидат главни критичари на власта. Зошто на власта, а не на опозицијата? Едноставно е, најголем дел од моќта во државата е во власта, а нејзините одлуки директно влијаат на животот на граѓаните.

Како што пишуваат Бил Ковач и Том Росентиел во својата книга „Елементите на новинарството“, вистината е првата обврска на новинарот. Тој треба да го штити јавниот интерес и да се бори вистината да стигне до граѓаните. Ова не значи дека новинарите треба да ја штитат опозицијата. И таа треба да биде критикувана кога ќе заслужи, меѓутоа ретко кога некоја одлука на опозицијата влијае врз животот на граѓаните во иста мерка колку одлуките на власта.

И покрај сите притисоци, новинарите сепак имаат избор дали ќе бидат на страната на вистината или на страната на комфорот. Се се сведува на тоа колку тие се залагаат за почитување на новинарската етика и професионално работење.

Сепак, главна причина за поларизираноста на новинарската сфера не се самите новинари и нивната (не)етичност, туку партизираноста која е навлезена во секој сегмент од опшествениот живот во Македонија. Желбата на власта да го контролира секој сегмент од опшественото живеење, вклучително и медиумите, допринесе новинарите да се поделат во табори и да се свртат едни против други. Дел од нив тоа го прават за материјално богатење, но има и такви кои се заслепени од пропагандатата и веруваат во она што им го презентира и наметнува власта.

Нормално е оној што е на власт да се обидува да воспостави контрола врз медиумите и новинарите, но уште понормално е медиумите и новинарите на таквиот обид да одговорат со отпор и неприфаќање. Кога останувањето во зоната на комфорот нема да ни биде приоритет, тогаш работите ќе се сменат на подобро.

Новинарите треба да бидат вечна опозиција и тука нема компромис!

Катерина Смилева

 

Поврзани новости