Новинарите се тие што професијата што е “на коленици” треба да ја подигнат на нозе

by Фокус

Ида Протугер Вељковиќ

Сосема е легитимен протестот на новинарите кои се противат на нови законски решенија кои нема да доведат до демократизација на состојбите и враќање на угледот на професијата. Исто така, тајмингот на протестот е сосема на место, за време на политичките преговори кога новите законски решенија се во подготовка и после може да биде доцна.

И дотука се е логично и во ред. Но едно останува нејасно, зошто ЗНМ бара да седне на преговарачка маса? На пример, ако во Парламентот се носи лошо законско решение што ги засега новинарите, очекуван е протест пред институцијата, но не ми е логично новинарите да бараат да станат пратеници?!?

Ја видов изјавата на поранешниот колега Роберт Поповски и не сфатив што е толку проблематична? Да, кажана е претенциозно, дека новинарите треба да лобираат кај политичките партии за своите интереси што беше “преведено” дека требало “да коленичат”.

Но, истата изјава може да се прочита и поинаку, дека новинарите ќе лобираат, но на политичките партии ќе им биде од огромен интерес да ги испочитуваат нивните барања и да не отвораат војна со седмата сила.

Но Роберт Поповски не е виновен за тоа што новинарите ја загубија силата и сега се прецепирани како некои кои “коленичат” пред политичките партии. За тоа се најмногу виновни квинслинзите во нашите редови, кои се корумпираа и истргуваа со професионалните стандарди за уредничка позиција или хонорарче од “курирската” корпорација.

И да не заборавиме, на досегашните лоши законски решенија што ги држат новинарите во заложништво и што не ги унапредија нивните права, а за тоа заслужен е токму претседателот на ЗНМ кој сега држел транспарент “Не во наше име”. Колешката Кристина Озимец напиша дека го носела истиот транспарент пред изгласувањето на законот произлезен од преговорите на Насер со владејачките партии лани.

Да биде иронијата поголема, Насер сега повторно им помага на владејачките партии да се помести фокусот од пропагандата која не доведе до ова дереџе, кон тоа дека и СДСМ барал “новинарите да коленичат”. Сакам да верувам во чесните мотиви на претседателот на ЗНМ, но има премногу коинциденции.

На пример, скандалот со фалсификуваните лични карти што во секоја нормална земја каде новинарите се седма сила, а не “коленичари”, до сега ќе беше вест број еден во сите медиуми и ќе се анализираше од сите аспекти со повикување на одговорност.

Но како што за емисијата “360 степени” изјави Максут, братот на човекот чиј идентитет е украден и искористен за фалсификуваните лични карти, тој не чул за сторијата на Фокус. Е тоа е проблемот, зашто тој не чул за овој скандал од невидени размери? Затоа што најголемиот дел од медиумите, и тоа најгледаните медиуми, не известуваат за тоа.

Најверојатно не чул ни за бомбите на опозицијата затоа што и тие не најдоа место во информативните содржини. А зошто се сепак тие медиуми најгледани?

Колегата Попетревски минатата недела тоа убаво го објасни, затоа што власта со силните милиони со кои ги субвенционираше “своите” медиуми под превезот “владини реклами” им овозможи на овие медиуми конкурентска предност во купување на комерцијални серии и содржини со кои ги привлекоа гледачите. А во пакет со сериите одат и вестите каде информирањето на јавноста е сосема заменето со гола пропаганда.

Секнувањето на владините реклами во овие медиуми на неполна година пред избори нема да промени ништо бидејќи сопствениците на тие медиуми не кумуваат на пропагандата само поради парите за реклами. Чувме од бомбите дека по нивен вкус се менуваат детални урбанистички планови, бизниси, тендери и така натаму.

Новинарите во овие телевизии исто така не работат под притисок, барем поголемиот дел. Тие се доброволно влезени во коруптивната мрежа и тешко би се откажале од бенефициите во вид на хонорари од сајтовите за кои, кога ќе се расплетка клопчето, ништо чудно и во Специјалното јавно обвинителство, може да се случи “фабриката” од времето на СДСМ да делува како мини погонче во споредба со сегашниот конгломерат.

Па дури и да не влегуваат пари од буџетот во овие медиуми во месеците до изборите, секогаш ќе се најде некој инвеститор, зошто да не и од Белизе, што би сакал да се рекламира баш во овие телевизии. Така што ситуацијата со (не)слободата на медиумите е сложена и повеќеслојна и без оглед на законските решенија, овие медиуми со се новинарите до крај ќе одработуваат за оној кој им ги дава незаслужените бенефиции.

Веројатно до изборите, на краток рок, само независен и бескомпромисен регулатор кој со санкции би обезбедил плуралност и професионално информирање и на тој начин би го заштитил уставно гарантираното право на граѓаните да бидат информирани, а не изманипулирани, би придонел за враќање на стандардите во новинарството.

Ако ВМРО ДПМНЕ продолжи да владее и доминира со медиумскиот простор, за што со секој екстра ден пропаганда се во ќар, нема да биде исполнет еден од клучните услови за фер и демократски избори.

Точно, ниту СДСМ ниту ВМРО нема да го најдат најдоброто решение за новинарството како што тоа можат да го предложат новинарите, но за да се чујат и применат нивните предлози, искуството од блиското минато покажа дека не е неопходно да седнуваат на преговарачка маса со партиите, туку да обезбедат авторитет нивниот глас да има и моќ.

Да погледнеме во сопствените редови во потрага по решенија, како од коленици повторно да се исправи професијата на нозе!

Поврзани новости