Новинарите ќе протестираат ако не бидат вклучени во преговорите за медиумите

by Фокус

Новинарските здруженија ЗНМ и ССНМ ќе протестираат пред Клубот на пратеници доколку не бидат вклучени во преговорите за медиумите. Ова денеска го најави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој рече дека најновите измени на Изборниот законик во делот на медиумите се донесени во нетранспарентна постапка, а двојното золемување на казните дополнително ќе го зголеми притисокот врз медиумите.

-Го повикуваме медијаторот Питер Ванхауте веднаш да ги вклучи претставниците не новинарите и медиумите во разговорите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците, исто така ќе ги повикаме медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија кои ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер избори без медиумите, изјави Селмани.

Според новинарските здруженија, двојното зголемување на глобите со што, како што сметаат, дополнително ќе се зголеми притисокот врз медиумите, а изедначувањето на казните кон различните медиуми ќе може да значи затворање на некои печатени или интернети медиуми.

-Интернет порталите барем во Европа, никаде не се регулирани со посебни медиумски закони, тие веќе се регулирани со Законот за кривична постапка и со граѓанскиот закон за навреда и клевета, за нив важи и Законот за работни односи, за авторски права и законот за невладини ако издавач на порталот е невладина организација, затоа нема никаква потреба да бидат регулирани со посебни медиумски закони, рече Теофил Блажевски, член на извршниот одбор на Синдикатот на новинарите.

Новинарите нагласија дека ова е само предупредување кон политичките субјекти и тие нема да дозволат за нивната судбина да се одлучува зад затворени врати.

Поврзани новости