Нови рочишта за „Маџар Телеком“ и „Т.Н.Т.“

by fokus

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за случаите „Маџар Телеком“ и „Т.Н.Т.“.

Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната. Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.

Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и Буџетот на Македонија.

Предметот „ТНТ“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.

За уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

Поврзани новости