Нови ознаки на горивата во ЕУ

by Fokus

Од 12 октомври 2018 година сите земји членки на Европската унија, ЕЕА земјите (Исланд, Лихтенштајн и Норвешка), Србија, Турција и нашата држава ќе треба да применуваат нов заеднички и хармонизиран сет на ознаки за горива на сите ново произведени возила и бензински станици на кои се продава бензин, дизел, хидроген, компресиран природен гас, течен природен гас или течен нафтен гас.

Новите ознаки треба да бидат поставени на сите пумпи, како и во близина на отворот на резервоарот за гориво на сите нови патнички возила, мотоцикли, лесни и тешки комерцијални возила и автобуси.

Целта на новите ознаки е задоволување на потребата од  јасни и стандардизирани информации за компатибилноста на горивата кои се продаваат на бензинските станици. Во документот на ЕК се наведува се поголемата понуда на горива на пазарот и различните ознаки на нив може да доведе до збунување на корисниците, особено на оние кои патуваат низ повеќе земји членки.

Директивата 2014/94/EU, која што се однесува на развојот на инфраструктура на алтернативни горива, предвидува подигнување на нивото на информации кои се достапни на корисниците со цел да го изберат најдоброто гориво за нивното возило.

Новите етикети се поделени во три групи, секоја со различна форма за полесно препознавање. Така бензините ќе бидат означени со буквата E ставена во круг, дизел горивата со буквата B ставена во квадрат и гасоводнитегорива ќе бидат испишани во дијамант форма. Информацијата внатре во специфичните форми ќе го означува максималниот процент на биогориво во секое од горивата, кое е препорачано од производителите на возила.

Бензински горива – круг со Е5, Е10 и т.н. каде Е стои за специфичната био-комнонента (етанол) содржана во бензинот

 Дизел горива – квадрат со Б7, Б10, ХТЛ и т.н. каде Б стои за специфичната био-дизел компонента што треба да биде содржана во дизел горивата, додека ХТЛ стои за синтетички дизел и значи дека не добиен од сурова нафта.

Гасовидни горива – дијамант со ЦНГ, ЛНГ, ЛПГ и хидроген

Со директива од 2019 година се предвидува и стандардизирана ознака за полначи на електрични возила. Ознаките треба да помогнат корисниците полесно да ја препознаваат компатибилноста на поставените и достапни полначи со нивните возила. Ознаката е лесно препознатлива бел или црн шестоаголник со буквата Ц.

Новите ознаки немаат за цел да ги заменат постоечките стандарди за безбедност и квалитет на горива, туку едноставно да го олеснат пристапот до потребните информации на возачите за компатибилноста на горивата и моторот на нивното возило.

Макпетрол веќе го применува овој заеднички и хармонизиран сет на ознаки за горивата на своите бензински станици.

 

 

Поврзани новости