Нови 35 починати бебиња на Клиниката за Гинекологија за само 3 месеци

by Fokus 20:41
20:41

Повеќе од 35 новороденчиња починале за само три месеци на скопската Клиника за Гинекологија, што е алармантна бројка која ги исплашила и родителите и вработените на клиниката, дознава „Фокус“.

Според документите со кои располагаме, само во првиот квартал од годинава, односно во јануари, февруари и март, од вкупниот број на бебиња, 144 кои завршиле на Интензивна нега (ОИНТ), повеќе од 35 починале што значи дека и оваа година Гинекологија ја тресат црни статистики.

- Advertisements -

Во документите уште се наведуваат и најчестите причини поради кои умираат бебињата, односно оние кои се водат како екстремно незрели, потоа бебиња починале поради ниска родилна тежина, а повеќето починале поради незрели бели дробови и сепса.

Во последните три години, Гинеколошката клиника ја тресат низа скандали, а еден од нив е и зголемената смртност на бебињата, кој секоја година достигнува бројка од над 200 починати бебиња. Ваквите страшни бројки почнуваат од 2016 година, кога на клиниката починале 184 новороденчиња, што е двојно повеќе во однос на 2015 година.

Од Клиниката ги потврдуваат информациите на „Фокус“ и додаваат дека само 2,6 отсто е намалена смртноста од лани до сега.

Министерот за здравство Венко Филипче пред два месеци во владата презентираше мерки за намалување на смртноста кај бебињата.

– Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивна смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање. Во краткорочните мерки се подготвени упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта – тврдеше тогаш Филипче.

„Фокус“ пред речиси две години објави документи од околу 30 починати бебиња на клиниката. Како дел од причините за зголемената смртност тогаш се наведуваа нестручноста на дел од лекарите, инфекциите и предвремените породувања.

Повеќе детали и информации на темата ќе читате во неделникот Фокус.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости