Над 200.000 евра биле собрани само за неколку дена, како донации за семејствата од Кочани погодени од пожарот, на новата интернет страница, односно платформа „Поддржи го Кочани“ (supportkochani.com), зад која стојат повеќе млади ентузијасти.
Идејата за страницата била на кочанчанецот Иван Ивановски, и на истата може да се донира индивидуално за секое семејство на починатите, односно повредените младинци.
Кога ќе се отвори страницата, може да се видат имињата на сите повредени и починати, чии семејства дале согласност за споделување на информациите.
Може да се види и која сума е донирана за секое лице поединечно.
Според последните информации, највисоки суми се донирани за лицата кои се на лекување во странство.
Засега, најниската собрана сума од донациите изнесува 4.500 денари, а пак највисоката е над 520.000 денари.
Покрај оваа платформа, периодов се активни и други акции, односно платформи на кои се собира помош за настраданите. Со свои донации се вклучија и општествено одговорни компании од земјава, а се донира и на платформи наменети за донации од странство.
Загрижени граѓани деновиве информираа дека родители на деца кои се лекуваат во странство, огласувале на продажба движен и недвижен имот, со цел да си ги покријат трошоците. Се апелира сите кои се во можност да помогнат, посебно кога се големите компании во прашање, со цел барем финансиски да им се олесни тешкиот период на погодените семејства.
Страницата „Поддржи го Кочани“ е достапна на следниот линк: https://supportkocani.com/
Вики Клинчарова