Нова сорта јаболки во САД кои во фрижидер траат до една година

by Fokus

Нова сорта јаболки под името „Космик крисп“, за чие развивање на научниците им биле потребни две децении и која наводно трае и до една година во фрижидер, од денеска е во продажба во САД.

Оваа американска сорта на јаболко потекнува од државниот универзитет во Вашингтон уште во 1997 година. Истражувањето и доаѓањето до цврсто, свежо и сочно јаболко чинеше 10 милиони долари.

Моментално јаболкото е достапно само во САД, но се очекува да пристигне и во продавниците ширум светот на почетокот на следната година.

Оваа сорта се добива со вкрстување на две постоечки сорти јаболка за да се создаде уште послатко, посочно овошје кое, ако правилно се чува, може да остане свежо и до една година.

Во Вашингтон растат повеќе од 12 милиони дрвја од ова јаболко, а овоштарниците зафаќаат околу 12.000 хектари. Се очекува овоштарите да остварат вкупна продажба од 30 милиони американски долари.

Сортата првично беше позната како WA38, а името „Космик крисп“ е инспирирано од  ситните бели дамки на нејзината темно црвена кора, која потсетува на ноќно небо.

Најпознати сорти јаболка од ова поднебје се „златен делишес“ и „црвен делишес“. Инаку, јаболките, по бананите, се најпродаваното овошје во САД.

Поврзани новости