Нова претстава во Крушево: Не ни требаат други за да бидеме, ние треба само да сме!

by Fokus

В недела со почеток од 19.30 часот во Домот на култура во Крушево, граѓаните на овој град ќе бидат во можност да ја погледнат претставата „Др.Хупутдис Но Боди”, по мотиви на “Тренер на духови” од Јон Бајешу.

Претставата е во режија на Захарија Ангелеска, за која оваа претстава е трет самостоен проект, поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија, но за првпат ќе се постави во нашата земја.

Ангелеска во претставата игра заедно со актерката Аница Бебиќ, а во самиот текст се зборува за „замокот” каде не прогонуваат „духовите” на системот. Тренери – убијци на совест, не само од минатото, туку и од непосредната историја, шетаат слободно, обидувајќи се да влијаат врз совеста и слободата на изразување на поединецот.

Текстот нуди и во исто време бара креативно разбирање. Преку циничниот хумор се креира една тензична атмосфера помеѓу ликовите. Тренерот- диктатор, навидум пријателски настроен, на бесмислен начин се обидува да донесе свесност, за да може да ги здружи своите примитивни идеи и постапки. Додека пак, преку „обуката” на најаматерски начин наметнува идеологија на која послушно и неселективно и служи. Со својот патетичен пристап наидува на еден неписмен чувар, кој станува „ангел чувар” на сите оние што ќе им бидат испрани мозоците. Еден заклучок е јасен: на сите ни треба чувар.

 

„Претставата е мошне необична, пред се, затоа што е во Крушево, каде нема услови за театар, а се прави театар. Претставата е направена во нетипичен простор за изведба, простор кој потсетува на една празнина, како еден огромен замок во кој е затекнат човекот. Делото зборува за односите кон себеси, кон другите, коишто цело време се присутни и не „советуваат“ да живееме како што не знаеме. Исто и текстот е на романски драматург, па може да се уочи и романската школа, затоа што таму студирав глума“, вели Ангелеска за Фокус.

Како што додава оваа актерка, уште додека студирала на Универзитетот за театар и филм „Лука Караџале“ во Букурешт, си поставила мисија.

„Почнавме со Театар Крушево, си имавме свое катче, каде нашата идеја беше да стане институција. Многу наивно постапивме. А сега, времето во кое живееме и конкретно пандемијата, не потсетува и не навраќа на основата – кон природата на суштинското постоење. Не ни требаат други за да бидеме. Ние треба само да сме. И во јазикот на секој различен контекст важи истото правило“, го заврши разговорот Ангелеска.

Таа додаде дека бројот на места е ограничен, потенцирајќи дека ќе се почитуваат сите протоколи за заштита од корона вирусот и непречено одвивање на претставата.
Сценографијата е на Маја Џеповска, музика на Оливер Јосифовски, а светло мајстор и фотографија се Фани Ристеска и Андреј Рујаноски.
Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости