НОВА: Крпач сведочел за уништувањето на опремата за прислушување

by Фокус

Коста Крпач, кој вчера беше пронајден мртов во својот стан, сведочел во Специјалното обвинителство за отворениот предмет „Тврдина“, дознава НОВА.

Тој доброволно се пријавил да сведочи за предметот во кој меѓуосомничените се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и двајца началници во УБК, кои се теретат дека уништиле системи за следење на комуникации, вреден 10 милиони евра.

Денеска и од СЈО соопштија дека Крпач бил нивни сведок и додаваат дека имаат докази дека врз нивниот сведок бил вршен притисок од други страни.

-Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се разботи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. – велат од СЈО.

Од СЈО потенцираат дека никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице и од тие причини за нив нејасна е одлуката на Претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице.

Сè уште се чека на извештаите од обдукцијата и вештачењето на куршумите и трагите во неговиот стан по што ќе се утврдува дали смртта на Крпач настанала со самоубиство или убиство.

Поврзани новости