Најмалку 121 лице е повредено, објави националната телевизиска мрежа НХК, вклучително и неколку лица кои претрпеле фрактури, но не е соопштено за смртни случаи.

Американскиот геолошки институт (УСГС) регистрирал земјотрес со јачина од 7,1 степен на 72,1 километри источно-северо-источно од градот Нами. Јапонските власти подоцна соопштија дека јачината на земјотресот е 7,3 степени.

Првичните стравувања од оштетување на нуклеарната централа Фукушима, која беше уништена од силен земјотрес и цунами пред 10 години, ги смирува операторот на нуклеарната централа Тепко.

Нема никакви неправилности во нуклеарната централа, објави вчера новинската агенција Кјодо, цитирајќи го Тепко.

Нема извештаи за оштетување на другите нуклеарни централи кои во моментов се затворени во регионот, освен помало истекување на вода што е означено како безопасно.

Еден милион домаќинства биле без електрична енергија како резултат на последователните потреси, вклучително и стотици илјади во областа Токио, но во меѓувреме, снабдувањето со електрична енергија е обновено.

Во март 2011 година, Фукушима и другите области на северо-истокот на земјата беа погодени од земјотрес со јачина од 9 степени и цунами, што сериозно ја оштети тамошната нуклеарна централа.

Тогаш повеќе од 18.500 луѓе загинаа во поплавите.