По силниот земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтеровата скала во Хрватска денеска на пладне, граѓаните излегоа на улиците, а премиерот Андреј Пленковиќ најави дека веднаш заминува во Петриње, кое е најсилно погодено.
Во Петриње се урнати повеќе куќи, а спасено е едно дете кое било во автомобил кога се урнал објект близу него, јави Индикс.
Полицијата ги повика граѓаните доколку се во можност да излезат на отворен простор и да се оддалечат од објектите кои може да се урнат.
„Лицата кои се на повисоките катови, нека се засолнат кај потпорен ѕид“, апелира хрватската полиција.
Во делови на Хрватска нема ни електрична енергија и телефонските линии се во прекин.
Епицентарот на земјотресот беше во близина на Петриње, 45 км југоисточно од Загреб.
Земјотресот беше почувствуван и во во Србија и Босна и Херцеговина.