Нов распоред: Случаите на СЈО кои беа во рацете на судијките Михајлова и Петровска ќе почнат од почеток

by fokus

Судијките Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од 1 јануари 2018 година, од Одделението за организиран криминал ќе се селат во Одделението за прекршоци. Овие, но и уште неколку прераспоредувања на судии, се предвидени во новиот Годишен распоред за работата на судиите во Кривичниот суд, кој го изготви претседателот Иван Џолев.

Во рацете на овие судијки се четири предмети на СЈО, што значи дека овие случаи ќе почнат да се судат од почеток. Па така, откако на сила ќе стапи новиот распоред, случајот со „Насилството во Центар, кој сега е кај судијката Михајлова, ќе биде доделен на нов судија, а Петровска повеќе нема да постапува по три предмети на СЈО и тоа случајот „Триста“, „Транспортер“ и „Тврдина 2“.

-Прераспоредените судии ќе добијат предмети во одделенијата каде што ќе одат, па затоа согласно законот, оние што ќе ги остават ќе почнат од почеток. Ова не е нешто ново, ни изјави претседателот на Кривичниот суд, Џолев.

Тој додава дека со претходните распореди се случувало прераспореден судија да постапува по нови предмети, но и понатаму да ги работи старите, при што се создавало хаотична ситуација.

Одделението за организиран криминал и корупција со новиот распоред е комплетно сменето. Од 1 јануари таму ќе работат судиите Васка Масевска – Николовска, Владимир Туфегџиќ, Огнен Ставрев, Дарко Тодоровски, Џенета Бектевиќ, Софче Гавриловска, Добрила Кацарска и Осман Шабани, како и Горан Бошевски, кој е единствениот кој не доби прераспоредување.

Во одделот за организиран криминал претходна постапка пак се судиите Весна Димишкова, Ненад Савески и искусниот судија Седат Реџепагиќ.

В.В.

Поврзани новости