Нов протест за враќање на имотите во Градиште

by fokus

Жители на охридското село Пештани денеска повторно протестираат на влезот од автокампот „Градиште“.

Вкупно 36 семејства повеќе од две децении водат спор за поврат на имотите одземени од државата во рамки на автокампот што се наоѓа на атрактивна локација на источниот брег на Охридското езеро.

Тие одржаа протест и минатата седмица, кога побараа спроведување на неколку пресуди на Управниот суд во нивна корист.

Притоа, обвинија и за селективност во денационализацијата, со забелешка дека слични национализирани атрактивни имоти се вратени на МПЦ.

Комисијата за денационализација одбива да им го врати имотот, со појаснување дека на земјиштето е изграден автокамп како објект од јавен интерес.

Во последната пресуда поврзана со Градиште, Управниот суд ја уважи тужбата на Атина Милеска од Пештани и го поништи решението на Комисијата за денационализација со кое беше предвидено обештетување од 235 денари по квадратен метар.

Но, Судот не носи мериторно решение, туку ја задолжува Комисијата одново да ги разгледа барањата за денационализација.

Иако земјиштето под автокампот Градиште се уште е на Република Северна Македонија, со него управува компанијата „Инекс Горица“, која одамна е во приватна сопственост.

Во моментов, автокампот под закуп го има фирмата „МКМ Нова Трејд“, со петгодишен договор до 2024 година.

Поврзани новости