Нов протест на мајката на Пино: Не само од премиерот, ако можев и од Господ ќе барав помош!

by fokus 12:50
12:50

Маја Трпковска, мајката на Пино Секондо, момчето кое исчезна пред повеќе од четири месеци, денес повторно ќе излезе на мирен протест пред Собрание. Протестот ќе започне од 16 часот и ќе трае до 18 часот, а очајната мајка вели дека повторно ќе бара одговор од надлежните служби – Каде е нејзиното дете.

Апелира до јавноста случајот да не се политизира и да не се злоупотребува нејзината болка поради политички поени, бидејќи без оглед кој бил на власт, таа ќе продолжела со својата битка, се со цел да си го најде синот.

- Advertisements -

-Нема овде место за политика! Имаше обиди целиот случај да се исполитизира, следев на социјалните мрежи разни коментари и заклучоци од јавноста, најмногу поради тоа што побарав помош и од премиерот Зоран Заев. Да бидеме начисто, кој и да беше премиер, јас ќе побарав помош од него. Најпрвин случајот го пријавивме во полиција, но откако не бевме задоволни од тоа како се води истрагата, која еве очигледно и по четири месеци е без успех, нормално беше да се обратиме и до тој кој е над инспекторите. Значи, јас јавно апелирав до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да ми даде одговори, да дојде за време на протестите, пред јавноста да каже до каде е истрагата, што се случува и како тоа да не може да најде моето дете, автомобилот, мобилните… Кога и од таму наидов на молк, му се обратив на тој кој е над министерот, премиерот. Да можев, верувајте ми, ќе барав помош и од Господ.

Немојте луѓе во се да мешате политика и партии, грев е. Јас сум мајка која си го бара детето, секој на мое место ќе бара помош од каде што може и последно нешто на кое мислам е политиката. Кој и да беше премиер, ќе се обидев да дојдам до него и да му посочам за пропустите, оти веќе не знам од каде да барам помош– раскажува за ,,Фокус” Трпковска.

Вели дека единствено ново во истрагата е тоа што некој наводно забележал момче кои приликува на Пино на први април на булевар во Скопје, но таа е сигурна дека Пино не би се шетал низ Скопје. Во Италија, каде исто така го пријавила случајот, бидејќи Пино имал и италијанско државјанство, случајот се водел како киднапирање.

-Моето дете не е побегнато од дома, не се крие од нас, нема причина за нешто такво, едноставно тој е една одговорна личност која никогаш на своето семејство не би приредила такво нешто. Ги повикувам роднините на исчезнатите лица од земјава да дојдат на протестот и заедно да ги бараме одговорите каде се нашите деца и до каде се истрагите, бидејќи времето одминува. Нема место за политика, ниту на еден родител не би му посакала да го искуси ова што мене ми се случува. Јас само сакам да се најде моето дете – изјави мајката.

Пино (26) го нема од декември минатата година. Во повеќе регионални медиуми се објави приказната за неговото исчезнување.

Вики Клинчарова

Поврзани новости