НОВ МАМОГРАФ И ПОЗАЈМЕНИ РЕНГЕНОЛОЗИ ВО КАВАДАРЦИ

by fokus 12:09
12:09

Општата болница во Кавадарци доби мамограф, и покрај тоа што веќе околу две години нема ренгенолог.

Министерството за здравство изврши набавка на најсовремен мамограф за рано дијагностицирање на рак на дојка, кој што ќе биде ставен во функција по 20 септември, а ренгенолозите кои што ќе вршат читање на снимките, односно ќе ги соопштуваат раезултатите, сеуште се на специјализација. Во изминативе две години, кавадаречката болница се справува со ,,испомош,, од ренгенолози од Неготино и од Велес, кои што доаѓаат секој втор ден, па така, до поставување на конечна дијагноза, пациентите се оставени да чекаат по два дена.

,,Нашиот ренгенолог замина во пензија пред околу две години, па сега за читање на снимките се чекаат ренгенолозите од Неготино и од Велес. Ние имаме ренген техничари, тие ќе ги вршат снимањата на мамографот, како што ги вршат и сите останати снимања на пациентите. Се чекаат двајца кандидати да ја завршат својата специјализација, па да започнат со работа, а до тогаш ќе ги користиме услугите на ренгенолозите од другите градови,, – потврдуваат лекари од кавадаречката болница, кои што сакаа да останат анонимни.

Мамографот кој што чини 7.5 милиони денари е планирано да овозможи здравствени услуги на околу 30 илјади жени, колку што живеат во овој регион. Пред неколку дена и министерот за здравство, Никола Тодоров ја посети кавадаречката болница потенцирајќи дека се прават напори да се зајакне здравствениот систем во внатрешноста, за да не мора пациентите да патуваат во Скопје. Планирано е присуство и на стручен тим, кој што ќе го обучи ренген техничарот за користење на мамографот.

Кавадарчани се задоволни поради новиот мамограф, но реагираат на лошите услови во болницата, посебно на одделението каде што лежат деца, каде што инвентарот и тоалетите се буквално ,,застанати,, во минатиот век. Посебно во зимскиот период, кога пациентите се принудени од дома да си носат ќебиња и греалки, но и храна, бидејќи за појадок или вечера најчесто добиваат корка леб и растителен кашкавал или растителна замена за сирење.

Вики Клинчарова

Поврзани новости