Нотр Дам нема да се урне, структурата сочувана

by fokus

Сега со сигурност можеме да кажеме дека структурата на Нотр Дам е сочувана од целосно уништување, изјави претставник на пожарникарската служба која се бори со огромниот пожар кој ја зафати познатата катедрала. Во операцијата на гаснење потешко е повреден еден пожарникар.

Претходно, командантот на француските пожарникари Жан-Клод Галет изјави дека не се сигурни дека ќе го спречат огнот од ширење кон втората камбанерија, што би значело целосно уривање на катедралата.

Во пожарот кој почна во 18.50 часот се урна една од кулите и покривот на Богородичната црква во Париз.

Специјални тимови се ангажирани за спасување на уметничките дела, а портпаролот на катедралата Андре Фино соопшти дека сите реликвии се на безбедно место и не се загрозени.

Во тек беше реновирање на катедралата, при што некои делови беа опкружени со скелиња, а бронзените скулптури преместени поради градежните работи.

Со пожарот се борат над 400 пожарникари, а противпожарната служба соопшти дека не е можно гаснење на огнот од воздух, бидејќи на тој начин се доведува под ризик структурата на црквата.

Поврзани новости