Норвешка: Ја ставивме епидемијата под контрола!

by fokus

Норвешка, која воведе полуизолација, успеа да го стави „под контрола“ ширењето на корона вирусот на својата територија, соопшти денеска владата, која нема да ги ублажи преземените мерки.

Стапката на бројот на заразени од секој еден пациент, падна под еден, на 0,7, во однос на 2,5 пред воведувањето мерки за борба против пандемијата на корона вирусот.

„Тоа значи дека ја ставивме епидемијата под контрола“, рече норвешкиот министер за здравство Бент Гое, на прес-конференција.

За да го спречи ширењето на вирусот, Норвешка го ограничи движењето, ги затвори јавните места како што се кафулињата, салите за вежбање и фризерските салони и ги забрани спортските и културните настани.

Сепак, дозволени се шетање на отворено и џогирање, а повеќето продавници се отворени.

Ова подобрување не подразбира укинување на мерките донесени од владата на 12 март.

„Денес успеваме да го контролираме ширењето на вирусот и сакаме да ја зачуваме таа контрола во иднина“, додаде норвешкиот министер.

Според најновите бројки на норвешките здравствени власти, во оваа земја има 5.755 заразени лица и 59 починати.

„Останува уште многу да се направи“, рече директорката на Норвешкиот институт за јавно здравје, Камила Столтенберг.

Поврзани новости