„Ноќни волци-Балкан“ добија клупска куќа во Неготино: Ние сме цврсти момци со големо срце!

by fokus

Стотици мотоциклисти од Македонија и дури од 16 други земји вчера со своите миленици на две тркала пристигнаа во Неготино, на отворањето на клупскиот дом „Ноќни волци-Балкан“. Настанот започна на пладне, кога се отворија капиите на клупската куќа, сместена на влезот во Неготино, наспроти спортската сала ,,Младост”, а траеше до раните утрински часови.

Во склоп на клубот има и преноќиште, за мотоциклистите кои сакаат да одморат од долгиот пат, се нудат храна и пијалоци, се продаваат сувенири, односно маици со логото на клубот, а има и базен за разладување во жешките денови.

Глетката на стотици мотоциклисти, облечени во кожните елеци и чизми, многу од нив со брада и тетоважи, го привлече вниманието на граѓаните, па покрај љубителите на моторите, на настанот дојдоа и многу луѓе кои, и покрај тоа што во животот можеби никогаш не седнале дури и на мопед, сакале да бидат дел од невообичаената атмосфера.

Сите беа пречекани со топло добредојде. Претседател на клубот е Јован Пендевски од Неготино, кој во разговор за „Фокус“ појаснува дека откако знае за себе е страсен љубител на моторите.

-Идејата со отворањето на клубот е да имаме свое катче, место за дружба и одмор. Како што гледате, имаме луѓе од многу земји, Неготино е еден вид на транзитен центар, со одлична локација. Сега се случи отворањето на клупската куќа, и секој детал овде е среден од страна на членовите на клубот. Вредно се работеше на уредувањето на просторот, а ќе продолжиме со досредување, треба да се изведат уште некои работни активности, за местото да го добие финалниот изглед – вели Пендевски.

Тој додава дека членовите на клубот функционираат како едно семејство, водени и обединети од љубовта кон мотоциклите и долгите патувања, но и од солидарноста. Имале правилник на однесување, со кој членовите биле обврзани да помагаат, да ги почитуваат сите закони, никој од нив не смеел да користи наркотици, не се толерирало насилство.

-Нема место за оние кои што ги кршат правилата. Можеби некому му изгледаме малку невообичаено кога сме во моторџиската опрема, но лажен е впечатокот дека овде има лоши момци. Дел сме од хуманитарни акции, заеднички секогаш помагаме и го штитиме послабиот. Тоа е едно од нашите главни начела – раскажува претседателот на клубот.

За да се биде вистински моторџија, вели дека мора да се почитуваат правилата. Оние кои ги кршат законите, кои се однесуваат примитивно, возат над дозволената брзина во населени места и ја загрозуваат јавната безбедност, според него, не можат да бидат мотоциклисти во вистинскиот смисол на зборот.

Помеѓу присутните сретнавме доктори, адвокати, економисти, трговци, па дури и еден пчелар. Се шегуваат кога раскажуваат дека во тек на ден, за време на работното време, човек не би можел да ги препознае, во работната униформа. Но, кога доаѓало време да се тргне на пат со моторот, тие се преобразувале во ноќни волци, водени од магијата на асфалтот и звукот на моторот.

Забележителна беше пријатната атмосфера, љубезноста на членовите на клубот, кои се дел од едно несекојдневно, но сепак сложно семејство кое остава впечаток на сигурност, на луѓе кои се во состојба да пружат помош секому, и кои без предрасуди прифаќаат нови пријатели. На настанот имаше бендови и се свиреше квалитетна музика, од Архангел, па се до Џенис Џоплин. На крај, следеше неизоставниот хит на „Дивје јагоде“, култната „Мотори“.

Мотоциклисти со кои разговаравме, а кои дошле на отворањето од Русија, Словачка, Сибир, Швајцарија, Бугарија, Србија и многу други земји, со години биле членови на клубот. Некои беа со сопругите, со кои заедно крстосувале низ светот на две тркала. Порачаа дека се радуваат поради отворањето на клупската куќа во Неготино, која станува нивно редовно одморалиште и место за социјализација.

-Сите добронамерници се добредојдени овде. Целта беше да добиеме едно вакво место, наше катче, и не сум воден од желба за заработка или нешто слично. Доволно е да немаме финансиски загуби, ова е дом на сите членови на клубот, но и на секој кој сака да сврати и да се дружи – изјави претседателот на „Ноќни волци – Балкан“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости