Нокаут: Македонија има музичка сцена, но ќе беше подруго Тоше да беше жив

by fokus

Македонскиот бенд „Нокаут“ во петок ќе одржи концерт во СРЦ „Кале“, кој ќе биде јубилеен – 20 години од првиот концерт во оваа сала и повторно си истата продукција, Авалон.

По тој повод, „Фокус“ реши да направи интервју со вокалот на бендот, Никола Перевски, кој со голема возбуда говореше за претстојниот концерт. Тој најави големи емотивно моменти и забава за сите генерации.

„Секогаш е тензично на пробите пред вакви поголеми настани. Но, тие се неопходни, затоа што се подготвуваме посебно за секој настап. Сосема е природно да бидат во малку позатегната атмосфера, затоа што секој од нас сака да го даде најдоброто, а очекувањата се големи. Сакаме да постигнеме добар звук, да ги изведеме аранжманите на најдобар начин. Пробите ни ја даваат потребната слобода и смиреност, затоа што се за Нокаут правиме од љубов. Мислам дека сите ќе си поминеме прекрасно таа вечер, и ние на сцената и публиката од другата страна. Кога ќе погледнам назад, овие 20 години ми поминаа како 20 минути. Не сум ни свесен како сето тоа брзо се случило. Според мене е многу важно да се сака работата и да се одржи континуитет. Само кога се има сè тоа, има и успех. А успехот носи и неуспех за други фактори, но важно е човек да не се откаже. Сепак, твориме 20 години убеден сум дека и ова ќе биде уште еден добар концерт. Можеби ќе има и втор, но не се знае“.

Како што вели Пере, ваквите концерти си бараат голема жртва и работа, со цел да се добие посакуваниот ефект.

„Јас сум перфекционист и секогаш пред вакви големи концерти не можам да спијам со недели. Размислувам за звукот, за енергијата, како ќе биде сè, затоа што целиот терет паѓа пред сè на мене, а потоа и на цел бенд. Ова ќе биде концерт во кој ќе допреме емотивно до сите, а тоа подразбира и до нас самите. Тоа се чувствува и сега на пробите. Со една посебна енергија ќе ја донесеме таа вечер поблиску до слушателите.“

Покрај многуте сали што ги има Македонија, речиси и да не постои сала која е наменета исклучиво за концерти. Перевски испрати апел кон градските власти, да се погрижат околу тој проблем.

„Одлучивме и овој концерт да го одржиме во СРЦ „Кале“ како оној  пред 20 години. Станува збор за гала концерт. СРЦ „Кале“ не е сала која може да собере многу луѓе. Од друга страна, се соочуваме со генерален и основен проблем, со тоа што немаме концертни сали. Многу се бориме со тие фактори, па би сакал да ја искористам оваа прилика и да упатам еден апел до градските власти, да направат соодветна и квалитетна концертна сала.“

Нокаут веќе долги години соработува со македонскиот шоумен Игор Џамбазов. Тој е прв пријател на оваа група, а според Никола, Џамбазов е човек кој секој би го посакал покрај себе како педагог.

„Човекот е полн со искуства, мозокот му работи на чудна, но многу добра фреквенција. Штом го запознаете подлабоко, ќе ја видите неговата добрина. За мене тој е прекрасен лик и човек. Не би претерал и ако кажам дека е гениј. Ретко во животот можеш да најдеш таква личност. Тој е приказна за себе. За мене ,Нокаут е љубовна приказна која трае, а тоа и Џамбазов го има забележано. Секогаш кога ќе седнеме на кафе, разговорот со него поминува во творештво. Имаме направено многу авторски дела, со задоволство соработуваме и ќе соработуваме.“

Пере Нокаут веќе три години е на релација Барселона – Скопје. Тој постојано патува, но вели дека будно ја следи македонската сцена, кој губи многу со последните политички случувања.

„Иако сум во Барселона, ја следам македонската сцена. Тоа е дел од мојата работа, да ги следам музчките трендови. Во моментов кога нормалните работи во државата изгледаат ненормално и ненормалните работи изгледаат нормално, не може да очекувате да има добра сцена. Но, ние уметниците се трудиме да одржиме континуитет, користејќи ги ресурсите со кои располагаме. И не зависи се од нас, бидејќи влијаат многу други фактори, кои ја рушат целата концепција и наметнуваат некаква идеологија“.

Парите играат голема улога во светските кругови, а во голем дел се и клучен фактор за развивање на музиката. Сепак, Перевски смета дека е потребно знаење, а парите ќе си дојдат со време.

„За да дојдете до пари, мора најпрвин да дојдете до знаење. Без знаење не може да имате пари. Мора добро да свирите, пеете или творите за да имате пари. Некои параметри се измешани и не ги познаваат младите луѓе. Грешката ја прават коа тргнуваат од помислата дека парите ја имаат главната улога, и не само во музиката туку во која било сфера. Ако имате пари не е проблем некој светски композитор да ви направи песна. Но, успехот не се состои само во тоа. Има многу повеќе.“

Кога станува збор за музичката сцена во Македонија, Перевски жали што пребрзо некои пејачи се откажуваат, не гледајќи го потенцијалот и просперитетот што го имаат.

„Има квалитетни музичари, млади луѓе. Сакаат нешто да создадат, но како да почнуваат да се губат. Како да не го гледаат просперитетот. Според мене, се е борба и мора да учиш, да создаваш, да се мешаш меѓу други луѓе. Само така се оди напред. Ние сме многу затворени како нација. Желбата е нешто што треба да ја има секој музичар. Ние сме ја имале желбата и сме успеале да опстоиме. И се уште ја имаме. Мојата желба ќе живее се додека живеам јас. Љубовната приказна Нокаут ќе постои додека јас постојам како лик. За жал, некои луѓе музиката ја гледаат како хоби. Сè додека е така, нема да има успех. Кога веќе се занамаваш со творештво и продукција, тоа треба да го правиш издржано и на повисоко ниво. “

Дел од македонските пејачи многу ретко  знаат да прават концерти во Македонија, а спасот го бараат со настапи во прекуокеанските земји кај македонската дијаспора. Сепак, според Никола, во Македонија може да се живее од музика.

„Ако си ја сфатите сериозно работата и се занимавате професионално со музика, без никакви задни намери, можете да живеете од неа. Но, предуслов е да бидеш слободен. Само тогаш кога ја чувствувате слободата, ќе можете да живеете од музика.“

„Нокаут“ веќе го има почувствувано евровизискиот момент, и како што ни раскажа Никола, размислувале и самостојно да настапат како бенд на Евросонг. Но сепак, тој настан не е во нивниот стил.

„Сме размислиле за настап како посебен бенд, но тоа е меч со две острици. Свесни сме дека речиси секое учество на Македонија завршува со неуспех. Тоа се некои чудни политики, а ви зборувам од искуство. Ние знаеме  до каде може да стигнеме како претставници од Македонија. И Мајкл Џексон некако магично да оживее и да ни направи песна за Евровизија, ние пак ќе завршиме 17-ти. Супер е да се појавиме, но сум донел заклучок дека сепак е подобро е да не настапиме на Евросонг.“

Нокаут беше дел од бендовите кои беа ангажирани за прославата „Македонија во ЕУ и НАТО“. Следеа лавина коментари за бендовите, а Перевски ни откри дека им се заканувале со убиства и претепувања.

„Првиот настап на кој Нокаут немал публика беше во Кавадарци, а беше за прославата за ЕУ и НАТО. Тој наш настап воопшто не значеше дека сум ја продал државата, а доколку не настапевме немаше да значи дека не сакам да влеземе во ЕУ. Ние сме музичари професионалци, и како и сите други работиме за пари, живееме и опстојуваме од музиката. Глупаво е да се затвораме. Но, ете тој наш потег беше прочитан поинаку и проследен со многу непријатни и невкусни пораки.“

Некои бендови низ своето постоење правеле низа експерименти во музиката, а можеби истото и ќе се случи во „Нокаут“.

„Размислуваме постојано да преминеме некогаш во друг правец. Тоа е болно прашање на музичарите. Секако дека електрониката би била застапена, но мене ми лежи тој поп-рок стил, а имам размислувано и за вметнување етно елементи. Сакам да се занимавам со филмска музика. Но, не сакаме ништо на сила, не сакаме да се наметнуваме само за да бидеме популарни. Тогаш нема да има драж тоа што го правиме.”

Никола Перевски беше добар другар со Тоше Проески, кој загина во сообраќајка пред 11 години кај Нова Градишка. Со многу тага и емоции зборуваше за нивното пријателство.

„Што и да кажам за него, зборовите не се доволни да го опишат. Тоше беше прекрасен човек и комплетен уметник. Ми беше добар другар и соработник со кој често пати работев. Беше посебен, различен од сите и многу го почитував и сакав. Верувам дека сè ќе беше поразлично доколку тој останеше жив. Музичката сцена изгуби многу со неговата смрт“.

Јорданчо Цветаноски

Фотографии – Тоши Трајчев, Стефан Рајхл, Влатко Чачоровски и Јован Куциновски.

Поврзани новости