Ниту бомбата не го поремети настапот на Цеца: Со автобуси организирано на концерт!

by fokus

Пронајдената бомба во угостителски објект во центарот на Прилеп вчера, за време на настапот на балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, не го прекина или пак на било каков начин го поремети нејзиниот концерт.

Илјадници посетители од целата земја продолжија во еден глас да ги пејат хитовите на Ражнатовиќ, додека само на околу 300 метри од главната бина единица од МВР ја отстрануваше бомбата. Покрај посетителите кои се журкаа со Цеца, дојдени во сопствена режија од сите градови, имаше и голем број на гости кои организирано, со автобуси од внатрешноста присуствуваа на манифестацијата.

Голем број на туристички агенции специјално за концертот вршеа превоз на патници до Прилеп и назад, а заинтересираноста била голема.

-Автобусите беа полни, на посетителите им е јасно дека на Пивофест се пие, па вака со организиран превоз барем нема да се грижат како ќе управуваат со возило и да внимаваат колку ќе испијат. Исто така, тие кои се решија да дојдат на Цеца организирано, преку агенција, барем не мислеа околу тоа дали и каде ќе најдат паркинг за своите возила – ни изјави превозник од внатрешноста.

Настанот со бомбата го потврдија и од СВР Битола, а според нивното соопштение, станувало збор за школска бомба, без експлозивно полнење. Немало повредени лица и материјална штета, и се превземале мерки за расчистување на случајот.
Инаку, ова е втор пат за десеттина дена да биде пронајдена рачна бомба на истото место во Прилеп. Според МВР, првата бомба пронајдена на 10-ти јули била наполнета и активирана, но за среќа не експлодирала.

Пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски изјави дека безбедносната ситуација во градот е на задоволително ниво, и како не постојат никакви пречки за успешна организација на Пивофест.

-На крајот, во недела навечер, сите ќе заминеме задоволни од она што се случувало во изминатите четири дена – порача тој.

Вчера тој ја примил Цеца во својот кабинет, а фотографии од средбата се споделуваат на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости