Нинџа до Јовановски: Видете сте каде сте биле на 27 април, може не сте биле свесен дека сте водач

by fokus

Обвинетиот Александар Василевски Нинџа, одговараше на прашања од обвинетите при денешното вкрстено испрашување по неговиот исказ за 27 април.

Обвинетиот актер Владо Јовановски, при тоа го праша Нинџа дали се согласува дека требало да биде информиран дека е водач на протестите. Прашањето следеше по исказот на Нинџа дека водачите, кои држеле говори пред Собранието, го потпалувале народот што протестираше.

Притоа Нинџа му одговори на Јовановски да си го врати филмот и да види каде бил на 27 април.

– Јас кажав и ги споделив моите информации, дека оние кои ги предводеа протестите имаа надокнада за тоа од ВМРО ДПМНЕ. А дали Јовановски се чувствува како водач или не, можам да му предложам да се погледне каде бил на 27 април. Можеби и тој, како многумина од нас, не бил свесен за она што се случува – рече Нинџа.

Јовановски потоа го праша Василевски дали е точно дека не го видел во штабот на ВМРО ДПМНЕ во период од 27 февруари до 27 април. Претходно рече Јовановски, можел да биде виден во штабот на партијата затоа што учествувал во изборната кампања.

– Сум ве видел и потоа – рече Нинџа оспорувајќи го тврдењето на Јовановски дека не бил во координација со ВМРО ДПМНЕ за време на протестите.

Потоа актерот побара да се поткрепи тврдењето на Нинџа со докази. Нинџа уште еднаш потврди дека Спиро Ристовски и Кирил Божиновски ги координирале протестите преку водачите кои редовно се појавуваа на говорница.

Програмата на протестите, рече тој, била пишувана во штабот на партијата.

Поврзани новости