Нинџа, Чавков и другите осудени за 27 април побараа апелација да ја укине пресудата

by Фокус

Сите 16 лица кои од Основниот кривичен суд во Скопје се осудени на затворски казни за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на 27 април, попладнево се обратија пред Апелација со барање да се укине пресудата.

Еден од обвинетите е и Александар Василевски – Нинџа, кој во обраќањето пред второстепениот суд практично го прераскажа исказот што го даде во текот на судењето во Кривичниот суд.

Тој повтори дека од 2014 соработувал со УБК и за неговите активности се координирал со структурите од оваа управа, но ги негираше обвинувањата кои обвинителството му ги става на товар во врска со „крвавиот четврток“.

Исто така, се обрати и ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој отфрли каква било вина во врска со непостапувањето на полицијата на критичкиот ден.

Дел од обвинетите кои биле дел од групата која, според обвинителството, го вршела насилството, пред апелациските судии рекоа дека се спремни да одговараат, но не за тероризам.

Од страна на обвинителството, пак, пред второстепениот суд настапија двајца обвинители од Вишото обвинителство во Скопје, Валентина Стојановска и Диљавер Бектеши.

Стојановска побара судот да ги потврди казните на осудените, а се согласи и со ослободителната пресуда за Игор Дурловски, појаснувајќи дека жалбата која е неоснована.

Поврзани новости