Николовски: Злоупотребите во земјоделието се констатирани од државниот ревизор

by fokus

Државниот ревизор ја констатира  целокупната погрешна, криминална политика во земјоделието, посочи на денешната прес-конференција Љупчо Николовски – член на Извршен одбор на СДСМ.

Тој вели дека во делот на управувањето со земјоделското земјиште ревизорите констатирале дека иако постои изработен софтвер не се води ажуриран земјишен регистар. Нема соодветното следење на наплатата за закуп на земјиште и не се евидентирани значаен дел од склучените договори за закуп на земјоделско земјиште.

„Дел од избраните  понудувачи не доставиле банкарски гаранции додека не се обезбедени условите за користење на веб апликацијата за електронско јавно надавање.Се констатира дека на огласите се бараат документи кои не се наведени во закон и документи коишто треба државата да ги обезбеди по службена должност без дополнителни оптеретувања на апликантите.

Сето ова отвора простор за злоупотреби, што ги покажавме кога бевме во МЗШВ. Се доделувала земја на блиски до фамилијата додека вистинските земјоделци се оставени без земјиште. Токму во делот на доделување на земјоделското земјиште ревизијата констатира дека на јавен оглас се објавуваат површини под вода, спортски игралишта и веќе изградени објекти додека одредени површини неможе да се стават во владение поради тоа што противправно се обработуваат од други лица, а за тоа не се врши инспекциски надзор“ вели Николовски.

Тој потенцира и дека ревизорите забележуваат дека побарувањата по основ на закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост сметководствено не се евидентираат во ниту еден надлежен орган. Токму поради сите овие забелешки ревизорите се загрижени дека се остава можност земјоделското земјиште да се користи без да се плаќа закупнина на штета на Буџетот.

– Тоа ние го потврдивме во повеќе случаи за коишто веќе се поднесени кривични пријави. Ваквиот хаос го признал и министерот Михаил Цветков, во одговорот до ревизорите. Институционалната потврда на погрешните, криминални политики во МЗШВ се доказ зошто законите мора да важат за сите подеднакво. Затоа, криминалната аболиција на Ѓорге Иванов мора веднаш да се поништи во целост. Секој што го прекршил законот да одговара – порача Николовски.

 

 

Поврзани новости