Николовски: „СДСМ вози по автопат, а ВМРО-ДПМНЕ се крие по подруми“

by fokus

Започнаа постапките за избор на најодговорните кандидати за пратеници од независноста па досега, вели во интервју за државната новинска агенција МИА, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.

Внатрепартиските процедури, според него, веќе се започнати на локално и на општинско ниво. Имињата на кандидатите ќе стигнуваат од базата, од месните и општински одбори, од Извршниот одбор и Градската организација, но, потенцира Николовски, постои и можноста за самокандидирање на личности, докажани и кредибилни индивидуи кои ги поддржуваат и може да ги надоградуваат политиките иако не се дел од СДСМ.

Тој во интервјуто повторува дека на листите партијата ќе излезе со целосна родова еднаквост, односно по принципот 50-50 мажи и жени, а и ќе ја задржи веќе воспоставената пракса за 30 отсто млади кандидати. Исто така, Николовски зборува и за работната група со надворешни експерти, која ќе треба да состави ранг листа на кандидатите.

„Ние постојано ја отвораме партијата за нови, свежи и квалитетни кадри, идеи и проекти, така е и овој пат, можеби најмногу досега. Низ транспарентна, инклузивна и професионална постапка ќе дојдеме до најдобрите кандидати. Со тие наши кандидати ќе победиме на овие избори и парламентот ќе го унапредиме уште повеќе да биде дом на сите граѓани, дом во кој се носат прогресивни одлуки за доброто на народот. Ако можевме да ја отвориме Владата да биде најтранспарентна во регионот, ако можевме да ги надминеме етничките проблеми преку концептот едно општество, сигурни сме дека можеме да обезбедиме одговорен парламент, а со тоа и способна држава. Она што е новитет е тоа што првпат се формира работна група во која ќе бидат вклучени и надворешни експерти од различни области. Таа комисија ќе состави ранг-листа на кандидатите за пратеници по претходно строго утврдени критериуми од страна на раководството на партијата. Конечната одлука, согласно статутот, ќе биде донесена на Конгрес“, вели Николовски.

Теренските активности, вели генералниот секретар, им помагаат во креирањето на програмата за претстојните избори, а овој период го користат за одржување на 15 програмско-тематски трибини „Агенда 20-24“, во рамки на кои, како што рече, ја креираат програмата за мандатот во периодот 2020 2024 г., кој очекува дека ќе го добијат на изборите на 12 април.

Тој вели дека подготвуваат и нов, модерен пристап за да имаат двонасочна комуникација со граѓаните.

„Постојано се усовршуваме и во употребата на дигиталните технологии, во дискусијата со граѓаните преку интернет и во промоцијата на нашите политики преку социјалните мрежи. За таа цел веќе создадовме нова, модерна алатка, мобилна апликација која на активистите, членовите, волонтерите и поддржувачите на СДСМ ќе им овозможи координирана промоција на официјалните политики на нашата партија преку социјалните мрежи. Оваа дигитална алатка ја развиваме со помош на експерти за нови медиуми и дигитални комуникации, а претставува прогресивен чекор во промоцијата на понудата на СДСМ пред граѓаните, во согласност со нашата определба за постојана, отворена и директна комуникација со граѓаните и сопственото членство. Преку апликацијата освен што нашите членови и активисти ќе се информираат за мерките и политиките, за секојдневните активности на партијата, ќе имаат можност и тие да дадат придонес во однос на пораките и мерките кои ги нудиме на јавност, а секако ќе се вклучат и во директна промоција на програмската понуда“, вели Николовски.

Во овој контекст тој прави и споредба со политичките ривали од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека тоа е уште една разлика помеѓу двете партии.

„Тие создаваат тајни, подрумски структури преку бојкотирање референдуми, координирано ширење лажни вести, шират анти-НАТО политики и таргетирано оцрнуваат индивидуи и заедници преку социјалните мрежи, а ние преку отворени и модерни дигитални решенија, транпаретно и директно ги промовираме нашите политики пред сите граѓани. По однос на јавните комуникации, ние возиме по автопат, тие се кријат по подруми“, вели генералниот секретар на СДСМ.

Поврзани новости