Николовски: Нема недопирливи, ова ќе биде антикорупциска година

by fokus 13:47
13:47

Тест за проверка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и уредби со кои ќе се ограничи користењето на службените картички, возила и останатиот имот со кој располагаат функционерите, се дел од активностите планирани за годинава што денеска ги најави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

На прес-конференцијата во Владата, Николовски рече дека нема недопирливи и оти секој што го прекршил законот, ќе сноси одговорност. Посебен фокус ќе биде ставен на случаите за кои постои сомнеж за висока корупција. Тој 2021 година ја најави како антикорупциска година во која ќе се води кампања за подигнување на свеста кај граѓаните за негативните ефекти на корупцијата, а во секое Министерство ќе се избира најдобар административец на годината со цел да се зајакне свеста за борбата против корупцијата.

- Advertisements -

– Нашата цел е да работиме за да создадеме подобар живот за секој наш граѓанин, а тоа да го обезбедат чесни функционери и отчетни институции кои работат во интерес на народот и на државата, а не во сопствен или партиски интерес. Во Новата 2021 продолжуваме со имплементација на препораките од ГРЕКО, истакна Николовски.

Тој нагласи дека се прави и анализа на дискреционите права на функционерите и потеклото на имот, за кои, како што најави, ќе следат неколку законски решенија.

Годинава ќе се спроведе и проектот за интероперабилност меѓу сите актикорупциски системи со кој по електронски пат на дневна основа, сите институции ќе може да ги добиваат и разменуваат податоците поврзани со корупцијата. Со ова, според Николовски, ќе има брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција.

– Никој нема да смее да затајува и забавува случаи каде што има сомнежи на корупција и криминал. Никој нема да осудуваме однапред, но имаме задача и обврски сите информации веднаш да ги предадеме кај надлежните институции за постапките и процесите брзо да се завршуваат, а граѓаните да ги увидат резултатите. Ако има корупција се знае дека следи казна. Ако нема корупција, тогаш продолжуваме понатаму, рече Николовски.

Во соработка со Министерството за правда годинава ќе се работи и на екипирање и дигитализација на истражните центри во јавните обвинителства, бидејќи е констатирано дека само четири од вкупно 23-те основни јавни обвинителства имаат некаков вид на истражувачки центри кои, иако се оперативни, не се доволно екипирани и дигитализирани.

Во однос на мониторингот во судството, Николовски рече дека заедно ќе работат со Министерството за правда, бидејќи целта е проблемите да се решаваат системски, а не парцијално.

Една од клучните новини, според Николовски, ќе биде и воспоставувањето на регистар на вистински сопственици, проект кој се работи заедно со Централниот регистар.

– Ќе покажеме дека можеме да бидеме средена држава во која има ред и дициплина, државата во која ги решаваме напластените проблеми, држава во која ќе успеваат чесните политичари. Секој кој ќе го прекрши законот, ќе се соочи со одговорност, бидејќи никој не е над законот. Мора да има ред еднаш за секогаш, порача Николовски на прес-конференцијата во Владата.

Поврзани новости