Николија се врати од Германија: Ви благодариме за подадената рака!

by Fokus

Малата Николија Динова од Неготино се врати од клиниката во Есен, Германија, каде што пред неколку месеци започна нејзиното лекување.
Приказната за тогаш десетмесечното девојче ја трогна цела Македонија. Родителите апелираа за помош, бидејќи им беа потребни 11 илјади евра за да се направат потребните испитувања, да се постави прецизна дијагноза и да се одреди терапија.

Во тој период Николија беше во доста лоша состојба поради дијагностицираниот дефект на мозокот, и секојдневно имала мозочни грчеви кои со тек на време станувале се полоши. Нивниот апел допре до многумина хумани граѓани и разни компании, кои донираа со цел да се собере потребната сума, се организираа хуманитарни настани, деца одеа од врата до врата со кутии за донации. Сега, откако се вратија во родното Неготино, мајката Наташа вели дека сака да се заблагодари на сите кои пружиле помош и им ја вратиле вербата во човечката добрина.

,,На клиниката во Германија поминавме добро. Грчевите се смирија, ни одредија терапија која Николија ја прима, сега продолжуваме со физикална терапија и снимања кај нас. Собирањето на донациите одеше бавно, но сепак дојдовме до потребната сума. Им благодариме на сите за подадената рака во овие за нас претешки моменти, на сите поединци, фирми, на ,,Фокус,, и на сите останати кои придонесоа за подобрување на состојбата на нашето дете. Битката за нас не завршува овде, лекарите ни кажаа дека ќе трае со години. Кон крајот на месец јануари најверојатно повторно ќе одиме во Германија. Но нештата одат на подобро, Николија го прослави и првиот роденден. Солидарноста на народот ни даде голема сила и верба дека на светот постојат добри луѓе кои сочувствуваат со туѓата болка. Уште еднаш се заблагодаруваме и веруваме дека еден ден сето ова ќе биде зад нас, дека на нашето дете му предстои светла иднина’’ – раскажа Наташа.

Заедно со нејзниот сопруг долги години се бореле да станат родители. Зад себе имала еден спонтан абортус, две вонматерични бремености, две неуспешни Ин Витро оплодувања. Кога на крај, останала бремена, дознала дека носи близнаци. Едното од близначињата го изгубила, но сепак била пресреќна кога ја добила Николија, близнакот борец. И покрај незавидната финансиска ситуација, пред околу два месеци се решиле да заминат на испитувања и поставување на дијагноза во Германија, бидејќи во Македонија направиле многу испитувања во минатото, се обиделе со се, но немало подобрување на состојбата на девојчето. ,

,Веднаш откако ја собравме потребната сума, ги стопиравме донациите. Свесни сме дека нашата битка продолжува и ќе трае долго, но со верба продолжуваме напред’’ – изјави мајката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости