Никој од нас не беше консултиран кои песни да влезат во книгата, велат членовите на комисијата за спорната збирка поезија

by fokus

Жири комисијата формирана од Агенцијата за млади и спорт се огради од збирката поезија финансирана од Агенцијата во која се најдоа неколку контроверзни песни со шовинистичка и дискриминаторска содржина. Според членовите на Комисијата, тие не биле консултирани кои песни да влезат во изборот за книгата.

Членовите Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски испратија соопштение до медиумите во кое велат дека ним како членови на жири комисија им биле предадени авторски дела што биле потпишани со шифра, па така тие немале увид во идентитетот на авторите. Додаваат дека од 80 песни што им биле дадени на разгледување, објавени биле само 44, што значи дека друг ја направил селекцијата.

„Комисијата ги разгледа делата и направи избор на песни за прва, втора и трета награда. Дополнително, пред неполн месец, беше побарано да напишеме предговор за книгата во кој дадовме општ осврт за повеќето од пристигнатите песни.  Комисијата немаше обврска да прави селекција на пристигнатите песни за книгата, а со оглед на тоа што од песните што ни беа дадени на разгледување, некаде околу 80, се објавени само 44 песни, значи дека сепак некој направил селекција. Притоа, никој од нас не беше консултиран кои песни да влезат во изборот за книгата, а кои не“, велат членовите на жири комисијата.

Додаваат дека решението што на прес-конференцијата го прочита директорот на Агенцијата за млади и спорт, никој во ниту една прилика, не им го презентирал или доставил.

Поврзани новости