Никој не може незаконски да добие субвенции, реагира Платежната агенција по изјавата на Трипуновски

by Fokus

Секој предмет, независно дали за него некој ургира или прашува, ако не е согласно Законот и не ги исполнува условите за добивање финансиска поддршка, не може да биде исплатен, децидни се од Платежната агенција.

Во реакција по денешната изјава на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, Агенцијата нагласува дека никој не може незаконски да добие субвенции и да троши народни пари.

– Денешното присуство на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, уште еднаш покажа дека во оваа институција работат вредни и професионални работници кои своите работни задачи ги извршуваат професионално и исклучиво согласно Законите. При обработката на предметите, Агенцијата ги користи сите законски можности за да им помогне на барателите да го остварат правото за финансиска поддршка. Во сите случаи каде има индиции за злоупотреба на субвенциите, Агенцијата постапува согласно законите, наведува Платежната агенција.

Агенцијата дополнува и дека на сите кои стекнале право и ги исполнуваат условите за добивање финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, парите им се исплаќаат во еден ден и без никаква селекција.

– Тој е принципот на работа на овој менаџмент. Нема поделба на земјоделците, парите за субвенции на сите кои ги исполните условите ги исплаќавме и ќе продолжиме да ги исплаќаме во време кога средствата им се најпотребни. Го продолжуваме принципот на неселективна исплата по одредена мерка, стои во реакцијата на Платежната агенција.

Трипуновски во изјава за медиумите дадена претпладнево пред Платежната агенција рече дека е таму на барање на земјоделец од Арачиново, кој две години се обидува да добие одговор од институциите зошто не добил субвенции.

Поврзани новости