Никогаш немојте да престанете да учите, стекнувате вештини и да се надоградувате

by Fokus
Современтите општества се развиваат со се поголема динамика. Последните години сме сведоци на трендови кои како резултат на иновациите значат големи промени  на компаниите во насока на примена на напредни техники и технологии во работењето, како што се: дигитализација, е-трговија, итн.

пишува М-р Антонета Манова Ставреска (Стопанска Комора на СМ), магистер по економски науки од Централно Европскиот Универзитет во Прага. 

 

Во светот кој се менува со голема динамика, знаењето, компетенциите, меките вештини и умеењето прават голема разлика. Формалното образование е темел на куќата наречена знаење, но постојаното надоградување и следење на последните трендовија прават куќата поцврста, поубава и потрајна.

Стопанската комора ги следи новите трендови и постојано е во функција на поддршка на бизнисите на своите членки. Како резултат на овие заложби, како и на новото стратешко поставување, неодамна во Стопанската комора на Северна Македонија се формираше Совет за високо образование и стратешко истражување (Совет). Целта на Советот е поттикнување на соодветни начини за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните и стручните кадри во компаниите.

ТРИТЕ ПРОГРАМИ НА СОВЕТОТ

Советот преку трите програми: Школа за бизнис лидери, Развој на мали и средни бизниси и старт ап бизниси и Институт за извоз, има за цел да поттикне перманентно функционално образование и надградување на знаењата на високообразовните кадри, што ќе води кон воспоставување на Школа за продуцирање кадри за извоз која ќе прерасне во Институт за извоз.

Програмите на Советот за високо образование и стратешки истражувања се логичен производ на постојаните заложби на Комората во доменот на образованието и се одраз на гласот на компаниите за реалните потреби за кадар кој поседува апликативно и практично знаење кое не секогаш се добива во формалниот процес на едукација.

Во таа смисла, Советот е замислен како “продолжена рака” на образовниот систем во Македонија, каде слушателите на програмите преку интерактивни предавања ќе стекнуваат практични вештини од признати професионалци во својата област.

Советот за високо образование и стратешки истражувања ја разви Програмата за развој на мали и средни бизниси на база на два постулати:

– Постојанато истакнување на потребата од страна на сопствениците и менаџерите на компаниите за недостакот на пазарот од стручно профилирана работна сила и кадар (вработени) кои поседуваат специјализирани вештини, компетенци и знаење, и

– Фактот што 99,7% од регистрираните деловни субјети во РС Македонија се микро, мали и средни бизниси, кајкоипотребатазадоедукација е посебноизразена.

НЕДОСТАТОК НА КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА

Еден од најгорливите проблеми за македонските стопанственици е недостаток на квалификувана работна сила со специфични знаења и вештини. Во секојдневните контакти со компаниите и преку анкетите кои ги споведува Комората, недостатокот на квалитетна работна сила се издвојува како еден од главните проблеми со кој се соочуваат компаниите во своето работење и претставува ограничувачки фактор за понатамошен развој на компаниите.

Воедно, само преку соодветно знаење и вештини младите луѓе може да се реализираат, бидат креативни и позитивни и остварат напредок и успех во кариерата. Знаењето се негува и надоградува и секогаш треба да е во чекор со последните трендови во општеството и економијата.

Второ, како и во ЕвропскатаУнија и земјите на Западниот Балкан, така и во Македонија, микро, малите и средни претпријата се најдоминантни во однос на бројноста, вработеноста и додадената вредност. Во 2020 година, 99,7% од приватните бизниси биле микро, мали и средни претпријатија, од што само 9,3% се мали и средни претпријатија, додека 82,1% се микро претпријатија.

Микро, малите и  средните претпријатија вработуваат околу тричетвртини од сите вработени во приватниот сектор. Притоа, само микро претпријатијата вработуваат дури една третина од вработените.
Најголем дел од додадената вредност во 2017 година (63,8% од додадената вредност на бизнис секторот во 2017 година) е создадена од малите и средни претпријатија.

ПРОГРАМА ЗА ЕДУКАЦИЈА

Имајќи ја предвид улогата и значењето на малите и средни бизниси за македонската економија, нивното поставување на здрава основа и едукација на кадарот вработен во нив се од големо значење. Во тој контекс, Советот изработи програма со која Комората покажа слух за актуелните проблеми во оваа област и продолжи посветено, доследно и континуирано да работи на едукација и стекнување на пазарно потребни вештини на вработените во компаниите.

Во областа на образованието, Стопанската комора активно е вклучена и преку Центарот заедукација и проектот Е4Е.

Предавачи на програмата се реномирани и признати експерти со специјализација во својата област стекната преку практична примена и низ секојдневно работење. Програмата за развој на мали и средни бизниси се состои од 8 модули, од кои последниот модул е менторска работа и збирна разработка на стекнатите знаења во претходните седум модули. Секој модул обработува на практичен начин тема битна за работењето на малите и средни бизниси.

ОСУМ МОДУЛИ 

Првиот модул –Практични аспекти на работењето на малите и средни бизниси (МСБ) опфаќа теми кои се однесуваат на стекнување на знаење и вештини потребни за секојдневното тековно работење на компанијата, а се однесува на разбирање и практична примена на релевантна законска регулатива за МСБ.

Модулот ќе ги обработи практичните аспекти на регулативата од областа на работните односи, заштита на личните податоци, финансиското и даночното известување, статусното право (Закон за трговски друштва, добивки, загуби дивиденди) и останата регулатива (Закон за облигационите односи, платен промет, ревизија на финансиските извештаи и годишните сметки).

Учесниците ќе се запознаат со постапката за пријавување и одјавување на работници, пријавување во УЈП, регистрација и дерегистрација за ДДВ, ДДВ пријави и посебности на ДДВ системот. Учесниците ќе се запознаат со обврските според Законот за данокот на личен доход, данокот на добивка и данокот на вкупен приход и задржаниот данок. Модулот треба да даде практично знаење за финансиските извештаи, годишната сметка и финансиската анализа. Воедно, учесниците ќе се запознаат со правилата и процедурите за јавни набавки.

Фокус на вториот модул е Градење на тимска работа и мотивирање. Во малите и средните претпријатија тимската работа е клучна за успехот и продуктивноста. По модулот учесниците треба да стекнат практични вештини потребни за менаџирање на малите и средни бизниси, да ги препознаат критичните фактори на успех, потребни за промовирање на развојот и влијанието на индивидуите, тимовите и организациите, и како се креираат високо продуктивни индивидуи и тимови.

Учесниците во модулот преку интерактивни предавања, практични вежби, презентации и размена на искуства ќе имаат можност да се здобијат со знаење, алатки и вештини за градење на успешни тимови и унапредување на тимската работа како предуслов за остварување на целите.

Ќе бидат претставени и начините за мотивирање, зголемување на ангажираноста и задоволството на вработените, како и нивното задржување во претпријатијата. Модулот ќе содржи предавања и разговор со успешни топ менаџери и лидери кои преку примери и сопственото искуство ќе ја објаснат и нагласат улогата на лидерите и менаџерите во унапредувањето на тимската работа и ангажираноста на вработените. Дел од темите кои ќе бидат опфатени во модулот:

• „Никој не успева сам“
• „Давањето фидбек за подобра мотивација и тимска работа“
• „Лидерство – разликите од минатото, сегашноста и иднината“.

Третиот Модул ќе се осврне на Современите модели за развојно менаџирање со финансиите и ефектни менаџмент-техники за финансирање на растот и на развојот на малите и средни бизниси (МСБ). Целите во овој модул ќе бидат осознаени низ:

– Менаџмент-техники за изградба и за унапредување пазарна конкурентност и препознатливост на развојните бизниси, низ интеграција на финансиските, оперативните и на развојните процеси и односи;

– Анализа и унапредување на нивото на функционална оспособеност на МСБ за користење на развојниот потенцијал на бизнис-инкубаторите, акцелераторите, како и на формалните и неформални извори на финансирање на организацискиот раст и развој

– Компаративни меѓународни искуства и најдобри практики за менаџирање со финансиска консолидација и развој на брзорастечки (газели) бизниси.

Во денешното бизнис-опкружување, императив за менаџерите и сопствениците, како на големите корпорации така и на МСБ, е стекнување на апликативно знаење, професионални вештини и искуство во организациските промени.

Модулот ќе посвети особено внимание на употребата на ефектни менаџмент-техники за идентификација и за мерење на влијанието на формалните и неформални извори на финансирање врз степенот на ефикасност и на конкурентност на малите и средни бизниси.

Учесниците на овој модул ќе се запознаат со деталните можности што ги нуди Eвропската банка за обнова и развој (ЕБОР) за МСБ, како и со програмата за конкурентност на ЕБОР за МСБ. Модулот во себе содржи и специјализирано предавање за суштинските поволности и ризици на категориите за државна помош наменета за МСБ, особено во услови на пандемијата на Ковид – 19.

Четвртиот Модул се фокусира на Проектно работење, дефинирање на матрицата (цели-активности-индикатори-резултати), финансирање на ефикасноста на компанијата (презентација на кредитните линии и грантовите за зголемување на ефикасноста и извозната конкурентност на компанијата).

Стекнување на знаење и вештини за изработка на квалитетна тендерска документација согласно барањата на ЕУ правилата за спроведување на јавни набавки кај проекти финансирани од ИПА се значајни.

Преку овој модул учесниците ќе добијат знаење каде да добијат информации за објавени тендери кои се финансираат од Европската Унија и на кои тие потенцијално би се пријавиле како понудувачи, да знаат кои се барањата на Договорните органи на кои тие треба да обрнат внимание кај јавни набавки финансирани од ЕУ, како да подготват соодветна тендерска документација, како и краток осврт на можностите кои ги нуди ИПАРД за финансирање на бизнис проекти во секторот земјоделство, но и надвор од секторот земјоделство.

Презентацијата ќе биде проследена со практична вежба со која од учесниците ќе биде побарано да подготват некои од документите кои се дел од понудата која се доставува во случај на јавни набавки финансирани од ЕУ.

Воедно, учесниците ќе добијат детали и информации за кои се можностите и која е постапка за апликација за финансирање кај меѓународните финансиски институции. Модулот содржи предавање за проектите кои се на располагање за малите и средни бизниси во Стопанската Комора на Северна Македонија.

Овој модул ќе содржи презентација за проектно финасирање на неколку проекти – East Gate, Везе Шари и Развој на проект на Фотоволтаична централа.

Петтиот модул на учесниците ќе им овозможи стекнување на знаење за oбновливите извори на енергија и циркуларната економија. Овој модул обработува актуелни теми кои се однесуваат на Рециклирачката економија, обновливите извори на енергија, нови технологии (регионални и светски трендови). Темите се:

Енергетска транзиција и нови технологии во нафтениот сектор.

Предавањето генерално ќе дебатира за новите технологии во нафтениот сектор за значително намалување на штетните емисии на ЦО2, како и за употребата на нови ниско јаглеродни горива и постепена замена на конвенционалните горива со осврт во нашата непосредна околина (Југоисточен Балкан). За потребите на предавањето ќе се користат материјали од групацијата Хеленик Петролеум и од Енергетската заедница.

Примена на нови технологии кај згради со потрошувачка на енергија близу до нула (nZEB)“.

„Циркуларна економија“употреба на троската од ЕЛП во градежништвото (обработка на троската од Електро лачна печка добиена при производство на челик и нејзина понатамошна употреба како суровина во градежништвото).

Шестиот Модул ги обработува аспектите на Зголемување на конкурентноста и ефикасноста на компанијата – индивидуален менторски пристап. Иновативност е клучна за компаниите кои сакаат да опстојат на пазарот.

Бизнисите не можат да опстојуваат со застарени бизнис модели или да веруваат дека може да опстојат само затоа што некогаш биле голем бизнис или бренд.

Вистинскиот одговор се дигиталните решенија, односно дигитализацијата и дигиталната трансформација ја имаат клучната улога во отворање на низа можности за надградба на постоечките сервиси сé со цел подобрување на корисничкото искуство, нивната интеракција со бизнисот, како и зголемена ефикасност.

Пандемијата дополнително ги забрза дигиталните процеси скоро за цела декада. Таа наметна решенијата базирани на дигитални технологии да имаат критична улога во обезбедување на опстанокот на бизнисите.

Дел од предавањата во модулот се однесуваат на ризиците доколку се игнорираат дигиталните трендови, примери од реални бизниси кои успешно се трансформираат, но и такви кои направиле стратешки грешки. Предвиден е и интерактивен дел со слушателите за да се дојде до идеи за дигитални решенија на нивните потенцијални проблеми.

Од дигитализацијата на малопродажбата произлегуваат огромен број на можности поврзани со унапредување на искуството на потрошувачите кој е примарен фокус за сите компании фокусирани на зголемување на нивното задоволство, како и следењето на дигиталните податоци кое води кон креирање оригинална пазарна интелигенција.

Седмиот модул  ги таргетира Дизајнот, промоцијата и маркетингот (теоретски и практичен дел). Динамичните и турбулентни услови во кои функционираат на пазарот МСБ, ја наметнува потребата од преточување на научните сознанија од современата теорија и практика на маркетингот во примена во секојдневното работење на овие компании.

Примената на маркетингот кај малите и средни претпријатија е различен од оној на големите организации по тоа што одговорното лице (сопственик или менаџер) има поголеми познавања за позицијата на бизнисот на пазарот, остварува подиректен контакт и располага со поголема флексибилност во задоволување на потребите на потрошувачите/клиентите.

Покрај тоа, може да користи широк спектар методи за собирање податоци од пазарот и различни можности и начини за дизајн и промоција на неговите производи/услуги.

За малите и средни бизниси, маркетингот, брендот, промоцијата и дизајнот на производите и услугите се од суштинско значење за да се допре до целните потрошувачи/кленти. Целта на овој модул е преку теоретски и практичен (индивидуален) пристап да се пренесат потребните сознанија за инструментите на маркетинг миксот и можностите за нивна имплементација во однос на расположливите ресурси кај малите и средни претпријатија.

Воедно, преку модулот ќе се стекнат сознанија за начините на кои малите и средни претпријатија можат да креираат, комуницираат и испорачуваат вредност на своите потрошувачи/клиенти за успешно да се позиционираат на пазарот.

Модул осум претставува Твининг програма – соработка и менторствокој претставува рекапуталција на стекнатото знаење на претходните модули и интерактивна дебата со менторот.

Заедно со целиот тим кој работеше на развивање на Програмата за развој на мали и средни бизниси Ве поканувам да се пријавите и бидете дел од овој проект. Најдобрата и најголемата инвестиција што може да ја направите во Вашиот живот е инвестиција во добро знаење. Тоа секогаш се исплаќа и вреднува!

Авторката М-р Антонета Манова Ставреска (Стопанска Комора на СМ) има работно искуство на различни позиции (менаџерски и извршни) и во различни институции (Стопанска Комора, Народна банка, УНДП, Светска банка). Во Комората задолжена е за Здружението за финансиски организации, изработка на месечниот економски преглед, различни аналитички и истражувачки материјали, спроведување и анализа на анкети, одговори на новинарски прашања, подготовка на мислења, претставник во аналитичкиот центар на Коморскиот Инвестициски Форум (КИФ) на Западен Балкан 6, итн.

Широко познавање на следните области: макроекономската политика, особено финансискиот и реалниот сектор, монетарната политика и пазарот на трудот. 

Искуство во подготовка на проектна документација и менаџирање на грантови. Знаење во доменот на координација, имплементација и управување со проекти. Познавање на процесот на обезбедување донаторска помош. Големо искуство во организација и координација на конференции, семинари и работилници. 

Експертиза и богата пракса во соработка со меѓународните финансиски инстутции. Запознаена со мисијата и функционирањето на меѓународните финансиски институции и развојни организации (ММФ, Светска банка, МИГА, ИФЦ, ЕБОР, УСАИД, итн.). Активно објавува во економски списанија.


Поврзани новости