Ние повлековме наш човек, а Србија повлече свој човек, рече Заев за скандалот со српскиот разузнавач во Собрание

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, на заедничката прес конференција по средбата со српската премиерка, Ана Брнабиќ, одговарајќи на новинарско прашање објасни како двете земји го решиле дипломатскиот скандал што изби откако беше објавено дека српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ, бил затекнат во Собранието за време на крвавиот упад. Како што рече Заев, проблемот е решен на пријателски и дипломатски начин.

– Направивме билатерален договор, ние повлековме наш човек, Србија повлече свој човек – рече Заев.

Како што рече Заев, договорено е со Владата на Србија, идните недоразбирања да се решаваат со телефонски повик.

– Она што е договорено меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво е за секое прашање, колку и да е болно или колку и да е позитивно, секогаш да кренеме телефон и да разговараме и да договориме тоа што треба затоа што пријателите така прават – рече македонскиот премиер одговарајќи на новинарско прашање.

На прес конференцијата Заев рече дека Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово односно меѓу Белград и Приштина и верува дека во интерес на Србија ќе биде најдено решение

За српската премиерка Брнабиќ оваа прва официјална посета на македонскиот премиер на Белград е добар сигнал за сите понатамошни активности и сите отворени прашања да се решат со дијалог.

Македонскиот премиер Заев, кој е во прва официјална посета на Белград, денеска беше пречекан пред Палатата „Србија“ од премиерката Ана Брнабиќ.

По свечениот пречек Заев и Брнабиќ имаа тет-а-тет средба, а потоа се одржа и состанок на двете делегации.

Владината делегација, предводена од Заев ќе биде примена и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Поврзани новости