„Ние одлучуваме”: Избирачкиот список врие од фантоми!

by fokus

И граѓанската иницијатива „Ние одлучуваме” предупредува дека Избирачкиот список не е прочистен и се уште има лажни гласачи.

Голем број граѓани се жалеле до Државната изборна комисија дека ги нема во Избирачкиот список, дека им се изменети некои лични податоци или дека некој друг се води дека живее на нивната домашна адреса. Од ДИК пак, на граѓаните им бараат да донесат еден куп документи со кои ќе докажат дека тие се сопственици на имотот во кој живеат.

-Добивме информации дека ДИК ги препраќа граѓаните кои пријавуваат непостоечки гласачи на нивните адреси до Министерството за внатрешно работи. Во МВР од граѓаните се бара да поднесат своерачно потпишано барање за промена во евиденција на лични податоци и да приложат докази, како купопродажен договор или имотен лист од кои ќе биде утврден сопственикот на објектот/имотот кој се води на адресата каде се појавуваат лица кои немаат избирачко право или немаат живеалиште на адресата, – велат  од граѓанската организација „Ние одлучуваме!“

За овие случаи побарале објаснување од ДИК, но не добиле одговор.

Од таму нагласуваат дека голем дел од граѓаните се откажале од продолжување на постапката за пречистување на податоците од Избирачкиот список, бидејќи процедурата им одзема дополнително време и пари.

„Ние одлучуваме” апелира до граѓаните да ги пријавуваат сите неправилности и притисоци врз нивното избирачко право на бесплатната телефонска линија 0800 88 888.

Инаку, дека Избирачкиот список не е прочистен, денеска предупредија и од Центарот за слобода-ЦИВИЛ. Во својот периодичен извештај од набљудувањето на изборниот процес, центарот констатирал повеќе од 200 фантомски гласачи.

Поврзани новости