Независноста и непристрасноста и понатаму најголем проблем на правосудството

by fokus

Ефикасноста на судовите во справувањето со предметите е на задоволително ниво, транспарентноста нема позначајни подобрувања, во квалитетот е забележан мал прогрес а независноста и непристрасноста на правосудството и понатаму остануваат најниско оценета област, покажува Вториот национален извештај кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството. Според извештајот, професионалниот развој и правична застапеност е областа која е оценета со највисока оцена.

Во однос на „Ефикасноста“, според Извештајот, и покрај недоволниот број судски службеници за вршење документирање и правно истражување, ефикасноста на судовите во справувањето со предмети е на задоволително ниво. Значителен процент на судии и адвокати сметаат дека информатичката инфраструктура во судовите е несоодветна, спора, и несигурна.

Споредено со перцепциите од 2018 година, во делот „Транспарентност и отчетност“ нема позначајни подобрувања. Кај исти индикатори доминираат поделените ставови во рамки на една целна група, односно значително поларизирани перцепции помеѓу судиите и судската служба наспроти перцепцииите на адвокатите, странките во споровите и новинарите.

Ова го нотираше и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој при своето обраќање на денешниот настан на кој беше презентиран Извештајот, кажа дека за потребата од зголемување на транспарентноста особено говорат бројните индикатори низ Извештајот, во кој ставовите и мислењата на судиите од една страна и адвокатите и медиумите од друга страна, често се дијаметрално спротивни.

Во однос на „Квалитетот на судската пракса“ споредено со перцепциите од 2018 година, освен забележаниот мал прогрес кон воедначување на праксата и донесените методологии за следење на квалитетот, остануваат и понатаму предизвиците во делот на мериторното одлучување во управната материја.

„Независноста и непристрасноста“ на судството и понатаму остануваат најниско оценета област. Направени се подобрувања на законската и подзаконската регулатива, правила за назначување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии. Изборот и разрешувањето на судиите, сепак, според најголем дел од испитаниците од сите категории од мерењето, се предмет на притисоци и влијанија однадвор, и се резултат на недоволна транспарентност. Во судството, според најголем број испитаници, и натаму постојат појави или околности за притисок и влијание од други институции.

„Професионалниот развој и правична застапеност“ е областа која е оценета со највисока оцена во однос на останатите области што се должи на подобрените перцепции за квалитетот и прилагоденоста на обуките во Академијата за судии и јавни обвинители спрема потребите на судиите и измените во законодавството.

Претседателка на судскиот совет на Република Северна Македонија, Павлина Црвенковска, на денешниот настан истакна дека ја препознава важноста од редовно мерење на реформата на правосудниот сектор, особено инклузивниот начин на кој се спроведува и токму поради тоа, како што вели, се едни од главните поддржувачи на овој процес.

– Токму овој пристап на креирање политики врз основа на податоци кои се засновани на факти и перцепција на сите вклучени и упатени страни е вистинскиот начин за планирање и спроведување мерки и активности за идните реформски процеси во правосудството. Токму тековните и следните реформи треба да го обликуваат правосудниот систем кој ќе нуди неселективна правда, спроведување на закони и целосно воспоставување на правна држава, посочи Црвенковска

Извештајот, според неа, ги рефлектира моменталните перформанси на правосудниот систем, ги идентификува потребите и слабостите, но, воедно укажува и на резултатите од досегашните имплементирани реформски иницијативи и активности.

Свое обраќање денеска имаше и Амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј, која посочи дека реформите во правосудството се навистина важни и нивните одлуки влијаат значително врз животот на луѓето а и на државата.

– Овие реформи се осмислени и веќе се во фаза на спроведување и ваквите истражувања и анализи кои што се спроведуваат ќе дадат голем придонес. Важно е денеска, по овие забелешки, да можеме детално да го продискутираме напредокот што е постигнат и предизвиците кои што претстојат, кажа Галовеј.

Дополни дека е сигурна дека Обединетото Кралство ќе биде тука за поддршка, но ќе биде и критички настроен пријател, бидејќи сето она што ќе произлезе од ова ќе биде, според неа, од големо значење за понатамошното партнерство.

Лидија Стојкова Зафироска, претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, сподели дека севкупниот проект е изработен за три месеци и во истиот се вкрстуваат перцепциите на групите кои што се директно засегнати и имале директна врска со судството. Помеѓу консултираните страни таа особено ја истакна заложбата на Судскиот совет, Министерството за правда, претседателите на судовите, секретарите во рамките на администрацијата на судовите, професионалните здруженија, коморите, адвокати, медијатори, извршители, странките во спорови, академската заедница и здруженијата на граѓани, со што заклучи дека одзивот бил висок и според неа, покажува дека кога сакаме сите заедно да го поддржиме процесот, може да има ефекти.

– Новинарите имаат потреба за зголемена транспарентност, судиите имаат потреба за поддршка на нивната работа во рамките на состојбата во која што се наоѓаат, додека, пак, јавноста, која што е круна на сите овие заложби, во главниот фокус е најмеродавна да каже дали услугите кои што институциите ги испорачале се во одговор на нивните потреби и интереси, кажа таа.

Вториот национален извештај издаден од Центарот за правни истражувања и анализи кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството е вграден во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со цел редовно и објективно мерење на судските реформи во земјата и следствено на тоа – соодветно дефинирање на приоритетите на реформскиот пат.

Спроведувањето на мерењето на реформите во правосудството и подготовката на Извештајот е дел од проектот „Вградување аналитички и мониторинг алатки за поддршка на реформите во правосудството на Република Северна Македонија“’, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Поврзани новости