Независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат законот за ЈО

by Fokus

Независна пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе даде поддршка за законот за јавното обвинителство. Во соопштение до медиумите наведуваат дека во законот се вградени нивни ставови. Апелираат до ВМРО ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и ќе се поддржат  евроатланските процеси.

– Во насока на постигнување на консензус по однос на понуденото законско решение за законот за Јавно обвинителство, како и одржаната јавна расправа по однос на истиот, а со цел донесување на закон кој треба да ги почитува принципите на независност, владеење на правото, почитување на правата на обвинетите, осудените и оштетените во кривична постапка, ние како Независна пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, ги застапувавме следните ставови. Еве што постигнавме:

1. Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители
2. После завршената академија обвинителите да мора 3 години да бидат во основни обвинителства
3. Ја дефиниравме дисциплинската постапка како не би можела да биде злоупотребена
4. Јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали
5. Согласно забелешките на сите присутни експерти на јавната расправа во однос на преносот на надлежностите од СЈО во ОЈО, а во духот на времениот карактер за кој СЈО беше формирано, предложивме преземање на предметите од јавните обвинителства согласно надлежностите утврдени со овој закон
6. Обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушкуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушкуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи
7. Предложивме уништување на незаконски прислушкуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон
8. Го прецизиравме рокот за конечно одлучување по жалби
9. Собранието на Република Северна Македонија до отпочнување на примената на овој закон (30.06.2020) ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди при што во преодните одредби ќе ги наведе броевите на членовите од новиот закон кои кореспондираат во членовите од кривичниот законик, се наведува во соопштението од Независна ПГ на ВМРО-ДПМНЕ

Посочуваат дека нивните искрени намери во овој период беа да се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со цел да се оневозможи реваншизам а да се овозможи правда.

– Апелираме ВМРО ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржиме и во интерес на граѓаните да донесеме законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатланските процеси, се вели во соопштението од независната ПГ на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

За вечерва во 22 часот е закажана владина седница, на која се очекува да помине законот, и веднаш да биде испратен до Собранието.

 

Поврзани новости