Незадоволните жители на Тимјаник ја нападнаа Царовска со канонада од прашања, министерката категорична: Градинка тука нема да има!

by fokus

Жителите на Тимјаник ја нападнаа со канонада од прашања министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која денеска излезе на најавениот протест против изградба на групен центар за деца со попреченост во близината на основното училиште. Жителите се незадоволни затоа што на оваа локација бараат изградба на градинка, која, велат е попотребна.

-Вие ветивте градинка на ова место. Своето дете сакав да го запишам во градинката во Неготино, но не го примаат. Сакам да ми кажете дали јас  со 200 евра примања да останам без работа и да го чувам детето дома – праша еден татко.

-Каде да ги згрижиме нашите деца? – праша друг.

-Возам секој ден по 20 километри за да го однесам моето дете во градинката во Неготино. Исто со 200 евра примања. Немам ништо против тие деца, но нашите нема каде да одат. Моето дете тука учи, каква иднина ќе гледа и што ќе научи од тоа. Нема да се случи тоа по никоја цена – порача таткото.

Жителите се побунија поради тоа што пред само неколку дена дознале дека објектот кој им бил ветен дека ќе биде градинка, ќе се намени за групен дом.

-Од 2004 година бараме градинка во Тимјаник. Ни беше ветено и за време на претходната власт, и двете партии ни го ветивте тоа, ви ги дадовме нашите гласови поради тоа. Поголем е проблемот за градинка отколку за ова и се работи за функционален објект е за градинка – рече една мајка.

Таа изрази незадоволство од реакциите на социјалните мрежи кои се појавија по најавениот протест.

-Порталите и социјалните мрежи не направија фашисти и нехуманисти. Погледнети ги овие луѓе кои дојдоа од лозјето, ова не се фашисти. Немаме ништо против такви деца, собираме шишиња за да им помогнеме – рече мајката.

Министерката категроично рече дека во конкретниот објект не може да има градинка, затоа што не е наменет за тоа.

-Прашањата ви се одлични. Веројатно и јас би си ги поставувила кога не би знаела дека овој процес не е нов, не го зимсилив јас, ова постои 11 месеци. Од првото мое интервју, до денеска постојано го зборувам и правам истото. Сите објекти кои министерството ги посочи како можни мали групни домови се во сопственост на Министерството. Таа зграда не ги исполнува условите и стандардите за градинка – рече министерката и вети дека ќе се заложи во Тимјаник да се изгради градинка.

-Верувам во вашата хуманост и затоа сум тука. Таква слика за Тимјаник не смее да има. Граданка во Тимјаник сигурно е потребна. Јас дадов приоритет на рурални места, децата треба да имаат еднаков пристап како во градовите – рече таа и побара Општината да се заложи за пронаоѓање локација и изготвување градежна документација за нова градинка во селото.

Поврзани новости