Невработен си, рипаш и го фаќаш крстот. Следниот ден од агенција за вработување те бришат од список!

by lali 21:30
21:30

Не си вработен, па поради желба за среќа се спремаш да скокаш на Водици по крстот. Поради немањето струја веќе со недели се бањаш со ладна вода, а тоа те прави поспремен од другите што ќе скокаат. Скокаш и очекувано го фаќаш крстот. Следниот ден од агенција за вработување те бришат од списокот. Но за утеха добиваш награда –  телевизор. Плаќаш данок на наградата, го добиваш телевизорот и за 3 дена дома ти стига нова сметка од радиодифузна такса. Ја баталуваш сметката, па од радост и среќа го отпакуваш телевизорот. Кога гледаш ти дале од тие старите, без даљинско. Земаш телефонот и одма правиш едно крстофатијавление во црква. Се жалиш дека стар е телевизорот, не бил како што ветиле. Попот со певливо треперлив глас ти одговара: „Прости чедо, ама паметните телевизори не фаќаат СИТЕЛ, МТВ И КАНАЛ 5, па затоа ти дадовме од оние кои фаќаат за да можеш да си гледаш и да си уживаш“.

Веќе некако се чувстсвуваш привилегиран. Се местиш да гледаш, ти звони телефонот, креваш, кога слушаш извршителојавление. Доаѓа и ти го зима телевизорот поради заостанат долг од радиодифузна такса. Се разочаруваш, но стануваш, го земаш крстот, го бакнуваш и со надеж проговоруваш „барем здравје да ме служи“. Легнуваш и спокојно заспиваш. Се будиш укочен и со болки во градите, целиот настинат, ем од ладното во собата од немањето струја, ем од студот останата во коските од ладната вода во реката. Одиш на лекар, немаш сини картони, веќе си избришан од агенцијата. Мора да платиш, а немаш со што, не си вработен. Го продаваш крстот што си го фатил, и ти останува само тој на чело. Го купива локален мафијаш и го става со низата други крстови на ретровизорот од спуштеното и затемнето БМВ. Со парите трчаш на лекар, но кога гледаш си го испуштил мој термин, по втропат во месецот. Те казнуваат од министерство за здравство. Со дел од парите ја плаќаш казната, а со другите од нервоза купуваш апчиња за смирување. Те смируваат и заспиваш.

- Advertisements -

 

Се будиш во притвор. Толку многу длабоко си спиел, што не си ги слушнал комшиите како се караат и не си ги пријавил, па те привеле тебе. Стануваш, погледнуваш лево-десно, го гледаш Вранишковски. Го прашуваш нешто, не те слуша. Ти звони телефонот – богојавление. Конташ дека веќе си мртов. Бог ти се правда нешто на мајчин јазик, старо македонски. Едвај го разбираш, но сфаќаш дека не ти даваат да воскреснеш се додека твоите не платат за погребни услуги и за попот што те испеал. Бог те убедува дека пред неплатените сметки и боговите молчат. Не си ни во вечните ловишта, ни во земските пасишта. Остануваш во пртивор за навек. Се помируваш со судбината, се прекрстуваш и седнуваш на дрвената клупа и со ноктот гребеш мал крст, па круг, па крст, па круг… па меѓу нив ставаш решетки. Крст. Точка. Нема победник.